Пендаровски: Влезот на Македонија и Албанија во ЕУ значи трајна стабилност на Балканот

Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со Зеф Мази, албанскиот главен преговарач со Европската унија. На средбата биле разменети информации и ставови за перспективите за скорешно одржување на меѓувладината конференција за двете држави и формалниот почеток на пристапните преговори на Македонија и на Албанија со Унијата.

Пендаровски оцени дека посетата е добра можност за размена на мислења за прашања на техничко и на политичко ниво, врзани со преговарачкиот процес, како и за отворање на перспективи за идна соработка на тој план, и го поздравил напредокот на Албанија во клучните области за ЕУ-интеграцијата.

Тој е уверен дека почетокот на преговорите за членство на Македонија и на Албанија позитивно ќе се одрази на стабилноста и просперитетот на целиот регион и изрази очекување дека примената на новата методологија за водење преговори ќе донесе олеснување на процесот на водење на пристапните преговори.