Претседателски избори во Сирија: Асад е главен фаворит

Во Сирија утре се одржуваат претседателски избори, втори од почетокот на војната, а според сите предвидувања, мандатот по четврти пат ќе го освои претседателот Башар ел Асад.

Асад, чија фамилија владее со земјата веќе пет децении, на власт во Сирија е 21 година. Слоганот на неговата кампања, „Со работа до надеж“, повикува на обнова на земјата разорена од десетгодишниот судир кој однесе повеќе од 388.000 животи и расели половина од сириските предвоени жители.

Заради строгите критериуми за пријава за претседателски кандидати, покрај Асад на изборните листи ќе се најдат само двајца противкандидати, пренесуваат медиумите.

Тоа се Махмуд Ахмед Мареи, опозициски политичар од Дамаск, и Абдалах Салем Абдалах, лидер на левичарската партија, кој беше министер во владата на Асад четити години.

Еден ден пред изборите, министрите за надворешни работи на Франција, Германија, Италија, Британија и САД порачаа во заедничко соопштение дека изборите нема да бидат ниту слободни ниту фер, пренесува Ројтерс.

На претходните избори одржани во 2014 година Асад освои 89 отсто од гласовите, а излезеноста беше повисока од 73 отсто и покрај жестокиот конфликт кој што тогаш постоеше.

(Фото: АП)