ПРИНУДНО СЛЕТУВАЊЕ: Авион кој полетал од Њујорк за Лиеж морал да се врати назад, причината е коњ

LinkSense.mk

Товарниот авион што минатиот четврток требало да лета за Белгија од Њујорк, бил принуден да се врати на аеродромот Џ.Ф. Кенеди“, откако коњ, кого го превезувале, се ослободил од заградениот простор, пишува „АБЦ Њуз“.

Како што може да се слушне на снимката од разговорот меѓу екипажот на авионот и контролата на летот, коњот се ослободил 30-тина минути по полетувањето.

Боингот 747 бил на надморска височина од околу 9.000 метри кога пилотот ја известил контролата на летање дека коњот излегол од својот заграден простор и дека мора да се вратат назад, на аеродромот.

На снимката се слуша како пилотот вели: „Ние сме товарен авион и превезуваме живи животни. Во авионот има еден коњ. Но, тој се ослободил и е надвор од својата ограда. Немаме проблеми на летот, но мораме да се вратиме затоа што не можеме вака да го спасиме коњот“.

Авионот морал да сврти над Бостон, и на околу 15 километри западно од островот Мартас Винјард во Атланскиот океан да испушти околу 20 тони гориво, за да може да слета.

Пилотот побарал на аеродромот по слетувањето да ги пречека ветеринар. Кога слетале, побарале дополнителна помош.

Ние сме на земја и немаме проблеми со авионот. Но, имаме проблеми со коњот“, повторил пилотот.

Се уште не е јасно како коњот успеал да се ослободи за време на летот.

Авионот после кратко задржување повторно полетал и во петокот утрината стигнал на аеродромот во Лиеж во Белгија.