Пристигна првата група 149 авганистански граѓани во Скопје

Со авион на компанијата „Камаир“ вечерва преку Тбилиси, Грузија на Меѓународниот аеродром Скопје пристигнаа првите 149 граѓани на Авганистан што ќе бидат прифатени во нашата земја. Веднаш по слетувањето жена во 39-тата недела бременост, нејзиниот сопруг и дете со возило на Итната помош беа однесени на Гинеколошката клиника во Скопје за контрола. Со друго возило беше спроведено лице за кое најверојатно станува збор за колапс.

-Солидарноста што ја најавувавме неколку дена денеска им ја даваме на оние на кои им е најпотребна. Пристигна првата група од 149 граѓани од Авганистан за кои државата изрази спремност да обезбеди привремено прибежиште. Тоа се луѓе кои се вработени во меѓународни организации и партнерски меѓународни организации со кои сме работеле ние и нашите сојузници  во овие 20 години во Авганистан, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи по пречекот на авганистанските граѓани на аеродромот.

Тој нагласи дека станува збор за мажи, жени и претежно деца со кои, како што рече, сме соработувале и споделуваат наши вредности на кои не по своја вина им е загрозен животот.

-Затоа одлучивме да им излеземе во пресрет во моментот кога им е потребно  и да им овозможиме привремено прибежиште за да се засолнат од ризиците по нивниот живот и нивните семејства се додека не стигнат во нивните конечни дестинации, рече Османи.

За нивното засолнување и за нивната логистика, додаде, се грижат организациите каде што работеа и ртаботат овие граѓани од Авганистан и ги покриваат нивните  трошоци.

-Но, доколку се јави потреба и државата исто така ќе помогне со соодветна логистика како што ја правиме и останатата логистика на транспорт, безбедност и здравствена заштита. Денеска сме фокусирани на достоинствен прием на овие граѓани, на нивна здравствена проверка, здравствена заштита и нивно сместување во соодветните хотели коишто се предвидени за оваа намена. Така што целиот фокус ни е денеска да ја покажеме солидарноста на дело, истакна Османи и додаде дека вечерва, меѓутоа и во текот на утрешниот ден ќе се прават соодветните контроли, и ќе се овозможи целокупната неопходна асистенција за овие граѓани.

Во наредните денови, како што кажа, ќе се процесуираат нивните апликации, нивните конечни дестинации.

-Мислам дека е најважно сите ние, Владата, меѓутоа и граѓаните да ја покажеме солидарноста за овие граѓани коишто денеска со насолзени очи се симнаа на овој аеродром од солзи и од среќа затоа што најдоа место каде што ќе бидат безбедни најмалку во наредните 90 дена до кога имаат престојувалиште овде во Република Северна Македонија.  Ние сме дале согласност засега за 750 граѓани, жени и деца со име и презиме коишто беа претходно најавени и проверени дека се дел од меѓународните организации со кои сме соработувале ние, нашата војска, нашите партнерски организации. Оваа прва група успеа да излезе од Авганистан преку Тбилиси да стигне во Скопје, прецизира Османи.

Во постојана координација сме, додаде, со партнерските земји, ја следиме состојбата на самиот аеродром и како ќе се појават услови за да може да излезе следната група која што е најавена и потврдена тогаш ние се разбира ќе бидеме спремни на ист ваков начин достоинствено да ги примиме.

-Ние сме спремни во секој момент да ги прифатиме, така што, како ќе се појават услови за нивно излегување од аеродромот во Кабул ние во рамките на таа одобрена група сме спремни да ги прифатиме. Денеска имавме координација со заменик државниот секретар на САД и другите партнери со цел да ја следиме состојбата на аеродромот во Кабул за да можеме да видиме кога новите групи би дошле во Скопје. Во секој случај ние сме спремни, а мислам дека и граѓаните се спремни да дадат поддршка на солидарност на овие жени и деца коишто побараа прибежиште и најдоа денеска во Скопје, потенцира Османи.

Раководителот на Итната помош д-р Милица Бубало посочи дека Министерството за здравство заедно со сите здравствени установи ќе даде комплетна здравствена заштита на граѓаните од Авганистан во текот на престојот во нашата држава.

-На почетокот на сите граѓани кои се дојдени од Авганистан ќе им биде направен ПЦР тест и ќе биде проверен вакциналниот статус. Доколку изразат желба за со вакцина за КОВИД -19 ќе бидат вакцинирани. Доколку во текот на проверката со ПЦР тест имаме позитивни за нив ќе се спроведе 14-дневен карантин, рече Бубало.

Нагласи дека ќе биде спроведен комплетен преглед на децата и на возрасните од страна на педијатар и интернист специјалист и ќе се оцени здравствената состојба на граѓаните.

-Доколку имаат потреба од понатамошен преглед во тој случај ќе бидат спроведени во другите здравствени установи, рече Бубало.

Потврди дека со првото амбулантно возило вечерва беше однесена жена трудница која што е во 39-та недела за која, како што кажа, има голема веројатност да се породи и посочи дека добиле информации оти има уште четири трудници. За второто лице, што беше одведено со амбулантно возило,  рече дека најверојатно се  работеше за колапс.

Откако пристигна авионот на Авганистанците им беа поделени пакети со храна и со автобуси беа однесени на здравствени прегледи.

Пристигањето на авионот со првата група Авганистанци во земјава го проследија бројни новинарски екипи.

 

 

ИЗВОР: МИА