Долу покрај полињата со манго, покрај реката и земјените патишта, градот Носара зазема блескав дел од брегот на Пацификот на Костарика.На север, во зори, илјадници младенчиња морски желки се пробиваат низ песокот и, тетеравејќи се, се нурнуваат во океанот.Џунглата е преполна со различни животни, а најгласни се мајмуните „викачи“.Нивниот глас се слуша дури и на оддалеченост од пет километри.
Но, џунглата на Костарика, пишува „Дејли Биаст“ (The Daily Beast), повеќе не е рајско засолниште за нив.
Имено, странските богаташи интензивно почнале да купуваат земја во таа држава и со изградба на инфраструктура да го загрозуваат опстанокот на мајмуните.
Според извештајот за 2020 година, во Костарика со струја биле убиени 7.154 животни.
Од неа умираат и мајмуните, најчесто поради струен удар на неизолирани далноводи, но за нив фатални се и нападите од кучиња и сообраќајните несреќи.
Вики Коан, основач на локално засолниште за животни, вели дека е тешко да се процени колку мајмуни умираат секоја година, но дека во просек, пријава за смрт на мајмун во нејзиниот град има, отприлика, секој трет ден.
Таа објаснува дека секоја смрт на мајмун е голема болка за неа.
Кога луѓето доаѓаат во нејзиното прифатилиште за животни, често ги прашува исто: „Дали некогаш сте допреле мал штекер, дали сте доживеале струен удар и сте врескале? Можете ли да замислите да се држите за штекер додека не ви се стопи кожата од коските?“
Неодамна, вели, добила повик за мајмун кого го удрила струја.Повикувачот и рекол дека раката му била во пламен и дека потоа паднал од далноводот.Пред повеќе од 30 години, кога за прв пат дошла во Носара, ситуацијата била сосема поинаква.
„Тогаш се возев во автомобилот и слушнав силен звук.
Го запрев возилото, се качив на покривот и видов мајмуни ‘викачи’, кои се меѓу најгласните животни на планетата. Ова место порано беше небрусен дијамант, беше неверојатно. Имавте недопрена песочна плажа долга седум километри и џунгла“, нагласува.
„Њујорк Тајмс“ во 2012 година го стави градот на листата на дестинации што мора да се посетат, а потоа туризмот експлодираше.
Вниманието на странците донесе многу потребни пари, но и големи недостатоци. Цените за изнајмување се зголемија и за домашното население и за странците, а многу дојденци имаат вкус за луксуз. Поставувајќи огромни стаклени прозорци во своите домови за да уживаат во погледот кон џунглата, и со силните светла кои излегуваат од зад нив, тие им пречат на ноќните ловци и го прекинуваат сонот на животните.
Новите жители на градот во меѓувреме почнаа незаконски да сечат дрвја.Како резултат на тоа, мајмуните ‘викачи’ стануваат поранливи, но и остануваат без лисја кои ги консумираат во огромни количини, па храна мораат да бараат на други места.Ако се движат по патот, тоа ги прави исклучително ранливи на напади од други животни.
За агентот за недвижнини, Натаниел Џексон, доаѓањето на нови жители и изградбата на нова инфраструктура не е лоша работа.
„Ова е област на биодиверзитет, така што односот меѓу луѓето и планетата секогаш ќе биде проблем.
Граѓаните исто така се трудат да промовираат одговорно градење, додека за повеќето доселеници заштитата на животната средина е на врвот на нивните приоритети“, рече тој, додавајќи дека луѓето одлучиле да донираат средства за изолација на електричните водови.
Од Министерството за животна средина и енергетика на Костарика изјавија дека се обидуваат да го решат проблемот со струјни удари и дека формирале работни групи кои се занимаваат со тоа.
Ветеринарот Франциско Санчез Мурило наведува дека 80 до 85 отсто од мајмуните умираат на лице место од струен удар.Од оние што ќе стигнат до центарот за спасување, сепак, една третина ќе им подлегне на раните.
„Понекогаш остануваат со нас со месеци, а потоа едноставно умираат“, вели тој.
Патем, додава дека понекогаш, кога еден мајмун е погоден од струја, неговото семејство му притрчува на помош, што завршува со уште поголема трагедија.
Целата ситуација би се решила, сметаат соговорниците, доколку енергетските кабли би се поставувале под земја, што е скапо, но ефективно.
Доколку тоа во некои ситуации не би било возможно, тогаш треба да се вградат таканаречени „мајмунски мостови“, кои на „викачите“ би им овозможиле премин.
Вики Коан смета дека електроенергетските компании треба да бидат одговорни за изолација на трансформаторите и жиците бидејќи и онака имаат поголеми трошоци кога мајмуните ќе ги удри струја, бидејќи се оштетуваат далноводите.
Во моментов, активисти во Костарика работат на нацрт-закон со кој од тие компании ќе се бара да преземат заштитни мерки.
За сопственичката на засолништето за животни, викендиците во Носара претставуваат деструктивен облик на небрежност.
„Луѓето ги привлекува ова место поради неговото рустикално спокојство, а сепак брзо го менуваат. Тие не сфаќаат дека не можете да го земете она што сте го оставиле во градот за да уживате во овдешната убавина и природа. Не го носете тоа со себе, оставете го во градот“, револтирано заклучува Вики Коан.
(Фото: Профимедиа / Кристијан Хутер)