Продолжен рокот за аплицирање за сместување во студентските домови

Министерството за образование и наука информира дека рокот за електронското аплицирање и поднесување документи за сместување во студентски дом во академската 2020/2021 за студентите од втора и повисоките години на студии е продолжен за седум дена и наместо денеска ќе заврши на 25 август, согласно со измените на Конкурсот.

Конечните списоци со примени кандидати ќе бидат објавени на 7 септември 2020 на огласните табли во студентските домови и на веб-страницата на МОН.

Во 12 сместувачки објекти слободни се вкупно 5419 места.

Од нив, за студенти запишани во прва година се наменети 1083 легла, а за студенти кои се запишани од втора до шеста година и за апсолвенти се слободни 4336 места.

Во пет студентски домови и сместувачки објекти во Скопје слободни се
вкупно 4015 легла за студенти, од кои најголем број (1216) се во студентскиот дом „Гоце Делчев“.

Во Битола има 385 места, во Охрид 226, Прилеп 333 и во четири објекти во Штип вкупно има 460 места за сместување.

Студентите кои се пријавуваат на Конкурсот треба да пополнат електронска пријава поставена на интернет-страницата  www.konkursi.mon.gov.mk и може да конкурираат за прием само за еден
студентски дом.

Рокот за електронското пријавување на студентите од втора година и повисоките години почна на 27 јули и со продолжениот рок ќе трае до 25 август, а рокот за електронското пријавување на студентите од прва година ќе почне на 7 септември и ќе трае до 21 септември.

Доколку останат непополнети сместувачки капацитети во одреден дом,
електронското пријавување ќе продолжи сè до нивно пополнување, но
најдоцна до 28 септември 2020.

Во Конкурсот е објаснет начинот на кој ќе се распределуваат леглата за
студенти, условите за прием, потребните документи за конкурирање за
сместување и начинот и рокот за пријавување.

Според роковите за сместување, студентот се вселува во студентскиот дом почнувајќи од денот на потпишаниот договор со домот во кој е примен, но не подоцна од 10 дена од објавувањето на конечниот список.