Продолжуваат контактите со Софија, Скопје со оптимизам гледа на можните решенија

Македонската и бугарската влада се во постојан контакт и размена на идеи за изнаоѓање на можни решенија, кои ќе обезбедат европска иднина на земјава, со целосно почитување на нашиот национален идентитет.

Од Скопје се испраќаат пораки дека во интерес на двете земји е целосно спроведување на Договорот за пријателство и надминување на недоразбирањата, што би овозможило одржување на меѓувладината конференција со ЕУ во декември за време на германското претседателство.

Премиерот Зоран Заев во интервју за БГНЕС порача дека е најлесно ситуацијата да се остави така како што е или да се влоши, истакнувајќи дека треба да бидеме храбри и да ги подобриме работите меѓу Скопје и Софија, со цел Северна Македонија и целиот регион да станат дел од ЕУ.

„Ние сме целосно подготвени да ги исполниме нашите обврски, а Бугарија се обврза да ги исполни своите. Само спроведувањето на Договорот е начин да се изгради уште поголемо пријателство и соработка меѓу двете земји“, изјави Заев

Тој уште една потенцира дека е факт оти ние сме Македонци и збруваме македонски јазик и тоа е право на самоопредлување, кое Бугарија го призна признавајќи ја нашата независност, суверенитет и држава.

„Бугарија многу често нагласува дека ја препознава реалноста дека Македонците и македонскиот јазик постојат“, истакна Заев.

Според него, отворените историски прашања можат да бидат надминати, пред се од страна историчарите и историјата може да биде добар мост за пријателство и соработка и не треба да ги дели, туку да ги обединуваат граѓаните на двете земји–Бугарите и Македонците.

„Се надевам дека целиот овој процес ќе заврши успешно и што е можно побрзо, за да може сè да се отвори до крај и да се види дека Бугарија е голем пријател на Македонија. Отсекогаш била и сега е“, додаде Заев.

Тој смета дека секое одложување и блокада, ќе доведат до негативни реакции и говор на омраза и затоа политичарите треба да работат за надминување на недоразбирањата и слабостите од минатото и да се насочат кон иднината.

И министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека претстојниот период треба да се искористи за враќање на довербата во Договорот за пријателство меѓу Северна Македонија и Бугарија, бидејќи нерешавањето на ова прашање сега би оставило далекусежни последици по односите меѓу двете земји и врз можноста тоа да биде решено во иднина.

„Работиме сите со конкретни идеи, со конкретни предлози како да се надминат овие разлики со цел да се усогласи рамката како предуслов за одржување на правта меѓувладина конференција во декември“, изјави Османи, без да навлегува во детали за разговорите што се водат, посочувајќи дека тие се уште се во форма на идеи и предлози за кои се уште нема согласност меѓу двете страни.

Тој потенцира дека Договорот за пријателство е платформата и формулата за надминување на разликите и решавање на недоразбирањата со Бугарија, додавајќи дека и ако не се решат напорите продолжуваат.

„Ние немаме план Б, немаме алтернатива, нема потежок и покомплексен процес од преговарачкиот процес, но затоа целта на крај ќе ги оправда сите напори што ги правиме како држава“, порача Османи.

Според него, дека без разлика на исходот на Советот на Унијата во декември, Северна Македонија ќе остане посветена на спроведување на реформите со ЕУ предзнак и на унапредување на добрососедските односи со сите соседи, вклучително и со Бугарија.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска во интервју во Студио 10 за Телевизија 24 порача дека или ќе бидеме заложници на историјата, или сепак ќе сфатиме дека по десет години ова ќе биде историја.

„Можеме да напишеме поубава страница на историјата која ќе нѐ води кон подобро утре, или да испишеме уште една страница, уште едно вето, уште едни непријателства и со тоа уште да бидеме заложници на историјата“, порача Шекеринска.

Заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски при гостување во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма порача дека Договорот со Бугарија е добра основа за решавање на споровите, а со оглед дека во многу делови се работи за историски прашања треба да ги решат самите историчари.

„Нам не ни треба еуфорија, не ни треба национализам, туку ни треба решение кое ќе резултира со меѓувладината конференцијата во декември“, истакна Ковачевски, додавајќи дека македонскиот идентитет и јазик веќе се зацртани и тоа се нашите црвени линии.

Во врска со напорите за изнаоѓање решение со Бугарија се огласи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски обвинивајќи дека наводите во интервјуто на премиерот Заев за БГНЕС, може „да го начнат македонскиот идентитет“.

Тој уште еднаш повтори дека и покрај Договорот за добрососедство, постои барање од страна на бугарските власти за потпишување нов договор или анекс на постоечкиот.

За ваквите тврдења на ВМРО-ДПМНЕ, владиниот портпарол Душко Арсовски на вчерашната прес-конференција потенцира дека нема нов договор и оти не може да се преговара за идентитетот и за јазикот.

„Владата е подготвена за разговор и дообјаснување на некои загрижености кои се појавија во Република Бугарија во однос на јазикот, меѓутоа црвените линии остануваат односно нема право никој да преговара за идентитетот и за јазикот“, истакна Арсовски.

На тврдењата на Мицкоски реагираше и СДСМ, потенцирајќи дека за јазикот и идентитетот не се преговара и обвинувајќи го лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека „шири хистерија, става сопки и ги поткопува државните позиции“.

„За јазикот, за идентитетот не се преговара, ниту може да се преговара. Македонскиот јазик, македонскиот идентитет се потврдени и признаени“, наведе СДСМ.