Продолжување на законот за санкции за Иран на уште 10 години

Американскиот Сенат одлучи за уште 10 години да го продолжи законот со кој на властите во САД им се овозможува воведување на санкции на компании кои соработуваат со Иран.

Сенаторите едногласно, со 99 гласови „ЗА“, го поддржаа предлог законот за обновување на една деценија старите санкции, откако Претставничкиот дом го стори тоа истото во ноември годинава.

Членовите на Конгресот на САД сметаат дека тој закон ќе и овозможи на американската влада да го казни Иран, ако Техеран не ги исполни условите од нуклеарната спогодба.

Белата куќа сеуште го разгледува текстот на законот, но официјални претставници велат дека таа мерка не ја крши нуклеарната спогодба со Иран, што беше услов кој Обама го наведе за неговото потпишување, пренесува АП.