Продолжува расправата во Собранието по дополнетиот предлог-буџет за 2021

Во Собранието денеска треба да продолжи расправата по дополнетиот предлог буџет за 2021 година.

Ова е втор ден.

Расправата на пленарна седница трае најмногу пет работни дена, по што се гласа по предлогот.

Во дополнетиот предлог, што е пред пратениците, се содржани 18 амандмани прифатени во расправата пред матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет.

Дополнетиот предлог буџет, според министерот за финансии Фатмир Бесими, е реален и во него се алоцирани средства онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.

„Наредната фискална година се карактеризира со се уште присутната непредвидливост околу времетраењето и интензитетот на здравствената пандемија во глобални рамки, импликациите врз буџетот и економијата во целина и потребата од поставување основа за солидно економско заздравување и забрзан раст. И покрај присутните ризици поврзани со здравствената криза, а земајќи ги предвид досега реализираните четири пакети на економски мерки, со проекциите во Буџетот за 2021 година се очекува да се обезбеди одржливост на домашните економски дејности и
на работните места, да закрепнат одредени дејности, да се обезбеди стабилност на социјалните трансфери и да се обезбедат политики кои и понатаму ќе помогнат за спроведување на брза излезна стратегија со цел продолжување со позитивните трендови на македонската економија“, нагласи Бесими.

Говорејќи за здравствената криза предизвикана од Ковид 19, рече дека домашната економија се соочила со една од најдлабоките рецесии досега што резултирало со пад на економската активност во вториот квартал од речиси 15 проценти.

Сепак, очекувањата на Владата се дека годината ќе заврши со пад од 4,4 проценти.

„Здравствено-економската криза во изминатиов период од 2020 година имаше силно влијание на реализацијата на Буџетот. Исто така, донесените сеопфатни мерки на Владата за спречување на ширењето на Ковид-19 изразени преку четири сета мерки (кои беа во насока на амортизирање на ударот врз економијата и стимулирање на потрошувачката) имаа влијание на економската активност и преку нив се овозможи заштита на работните места, ликвидност на Буџетот, се сервисираа најприоритетните
обврски, со сведување на минимум на сите помалку продуктивни трошења“, истакна Бесими.

Дополнетиот предлог-буџет за опозицијата нема да ги даде очекуваните резултати.

Нема да донесе подобро здравство, пофункционално образование, изградба на патишта и железници и реализација на проекти со кои ќе се поттикне економскиот раст.

Според опозицијата, ќе продолжат и задолжувањата и непродуктивните трошоци.

Пратениците од власта сметаат дека Буџетот е коректно поставен и треба да обезбеди ревитализација на економијата и враќање на патеката на економски раст, но доколку пандемијата продолжи, тогаш, според нив, бројките ќе мора да се ревидираат.