Пропаѓањето на Франција, повод за нападот на Макрон

Во куќата на соучесникот на човекот којшто му удри шлаканица на францускиот претседател Емануел Макрон полицијата пронашла оружје и примероци од книгата на Адплф Хитлер „Мајн Камф“.

Двајца мажи, на возраст од по 28 години, се уапсени после инцидентот на југоистокот на Франција, а нивните куќи во село северно од Тан Лермитаж, биле пребарани после нападот на Макрон, пренесува Би-Би-Си.

Се верува дека Демијен Тарел, напаѓачот на францускиот претседател, бил заинтересиран за бројни крајно десничарски и монархистички активности, како и за средновековната француска историја.

На својата Инстаграм страница тој себе си се опишува како член на националната федерација на историски европски боречки вештини, и се прикажува со фотографии каде што е облечен во костими од среден век со долг меч.

Книги „Мајн Камф“ од Адолф Хитлер и оружје биле пронајдени во домот на помагачот на Тарел, за којшто се сомнева дека го снимил нападот над Макрон, а полицијата соопшти дека запленила меч, бодеж и колекционерска пушка за која уапсениот поседувал дозвола.

Интересно е дека напаѓачите дале изјава за локалните медиуми истиот ден кога Макрон беше нападнат, а новинар на „Квотидиен“ им пришол на тројца мажи кои го чекале претседателот и ги прашал што прават.

„Ништо. Дојдовме да го видиме нашиот драг Макрон. Постојат работи кои сакаме да му ги кажеме, но за жал не можеме да му ги кажеме, за пропаѓањето на Франција“, одговорил еден од нив кој имал маска на лице и темни очила, додека Тарел молчел.

Во текот на посетата на регијата Тан Лермитаж на југоистокот на земјата, претседателот Макрон им пријде на граѓаните да ги поздрави, а Тарел го зграпчи претседателот за рака и го удри по лицето со шлаканица, повторувајќи ја фразата на почитувачите на Француската монархија, а пред да интервенира претседателското обезбедување.