Руската централна изборна комисија денеска и официјално го регистрираше претседателот Владимир Путин како кандидат на следните претседателски избори закажани за 18 март.
Актуелниот руски претседател на овие избори се кандидира како самостоен кандидат, а за регистрација му беа неопходни да собере најмалку 300 илјади потписи од избирачите. Путин собра 1,6 милиони потписи, а на централната изборна комисија и се предадени над 300 илјади.
Руската централна изборна комисија претходно го регистрираше како кандидат за претседателските избори лидерот на Либерално демократската партија Владимир Жириновски и кандидатот на Комунистичката партија Павел Грудинин.
Уште петмина кандидати очекуваат регистрација, Ксенија Собчак, Максим Сурајкин, Григориј Јавлински, Сергеј Бабурин и Борис Титов.
Според неодамнешните резултати од анкетите на Серускиот центар за истражување на јавното мислење, Путин на претстојните избори ќе освои околу 70 насто гласови.
Аналитичарите сметаат дека Кремљ смета на 70 насто излезност и исто толку гласови за Путин, бидејќи во тој случај симболичното ниво на поддршка на Путин во земјата ќе биде над 50 насто од вкупниот број гласачи.







