Путин му честита на Бајден и рече дека е подготвен за „соработка“

Рускиот претседател Владимир Путин денеска му ја честита победата на Џо Бајден на претседателските избори во САД, откако Бајден победи на гласањето на Електорскиот колеџ кое официјално го одредува претседателот на САД, соопшти Кремљ.

Кремљ претходно истакна дека ќе ги чека официјалните резултати од изборите пред да коментира за нивниот исход, дури и откако другите држави му ја честитаа победата на Бајден во деновите по гласањето на 3 ноември.

– Од моја страна, јас сум подготвен за соработка и контакт со вас, ја цитира Кремљ изјавата на Путин.

– Путин му посака успех на избраниот претседател и изрази уверување дека Русија и САД, кои имаат посебна одговорност за глобалната безбедност и стабилност, и покрај разликите, можат навистина да помогнат во решавањето на многуте проблеми и предизвици со кои се соочува светот, соопшти Кремљ.