Разговор со Џон Ленон и Јоко Оно продаден на аукција за 50.000 евра

Касета со снимка од разговор со Џон Ленон и Јоко Оно и досега необјавена песна, снимени за време на нивна посета во Данска во 1970 година, е продадена вчера на аукција во Копенхаген за 50.000 евра.

Почетната цена за снимката, којашто беше понудена на наддавањето од четворица тогашни ученици, со фотографии од средбата, изнесуваше 100.000 дански круни. Пред аукцијата, проценката на понудениот пакет се крена меѓу 200.000 и 300.000 круни (околу 27.000 евра).

На аудиоснимката се наоѓа и песната „Radio Peace“, снимена на 5 јануари 1970 година, со тинејџери ученици од Данска, кои успеале да добијат интервју со светски познатата двојка за нивното училишно списание. Песната никогаш не е официјално објавена.

Името на купувачот засега не се открива.

Во 33-минутната снимка, Ленон зборува за мировната кампања што ја водат тој и Јоко, за неговата фрустрација од имиџот на „Битлси“, но и за должината на неговата коса. Следат божиќни песни, Ленон свири на гитара, а може да се чуе и песната „Give Peace a Chance“ (Дај му шанса на мирот).