Издадена е наредба за распишување на централна потерница по Беким Мемети од Мала Речица, Тетовско.
Полицијата веќе трага по одметнатиот затвореник од КПУ „Идризово“. Патем се врши истрага за да се утврди идентитетот на лицата кои му помогнале на Мемети да избега.
Акцијата за бегството на затвореникот била претходно испланирана, тврдат од Министерството за внатрешни работи, и во неа учествувале повеќе лица. Помагачите, велат, знаеле кога Мемети ќе го носат во болница, со какво возило, а и патот по кој ќе одат.
Она што засега се знае, а е поврзано со синоќешниот инцидент, е информацијата дека на автопатот кон Скопје, кај бензиската пимпа на Лукоил, автомобил марка „ауди“, со сива боја, го претекнал и му го блокирал патот на затворското комбе, по што Мемети го нападнал обезбедувањето, ранил еден чуват и избегал.
Управата за извршување на санкции, пак, денеска ќе направи вонреден надзор во затворот и за сите неправилности, доколку бидат утврдени, ќе преземе соодветни мерки.
Ќе се утврдува дали постои одговорност за организацијата на спроведувањето на осуденикот како и за пропустите кои довеле до ваква разврска на целиот настан.
Во моментов е нејасно зошто не била обезбедена полициска асистенција за спровод до Клиничкиот центар во Скопје.
Осуденото лице Беким Мемети бил осуден на вкупна казна од 21 година затвор, 19 години за убиство и две за поседување дрога. Казната почнал да ја издржува од 28.12.2020 година, а истата му истекува на 17.04.2040 година.







