Ревакцинирани 35 проценти од граѓаните, трета доза примиле над 5.000

LinkSense.mk

Продолжува вакцинација на населението против Ковид-19. Последните податоци што ги објави Министерството за здравство покажуваат дека заклучно со 21 месецов во државава се вакцинирани над 800.000 лица, од нив 767.800 се ревакцинирани.

Пет илјади ја примиле трета анти ковид доза на вакцината.

„Од популацијата над 40-годишна возраст ревакцинирани се 54 отсто, а 33 проценти од лицата од 18 до 39 години примиле најмалку една доза вакцина. Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози опфатени се 46 проценти од граѓаните над 18 години“, информираа од Министерство за здравство.

Анализите на Министерството за здравство за односот на позитивните случаи на Ковид-19 и оние лица кои се вакцинирани покажуваат дека од 6 август до 21 октомври годинава, позитивни на Ковид-19 биле 42.945 граѓани, од нив 26 отсто биле целосно вакцинирани, односно 11.253 лица.

Голем е бројот на невакцинирани кои се заразиле со Ковид -19 во наведениот период.

Процентот на лица примени во болница, кои се невакцинирани, изнесува 76 проценти, додека само 24 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

Смртноста кај невакцинираните е многу поголема, покажува последната анализата на Министерството за здравство.

Што се однесува до смртноста предизвикана од Ковид-19 во анализата се вели дека во период од 6 август до 2 октомври годинава, во Македонија од корона починале 1.506 лица. Од нив 83 отсто не биле вакцинирани, а само 260, односно 17 проценти примиле вакцина.

Од Министерството за здравство апелираат до граѓаните да се вакцинираат оти, велат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на корона вирус.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата достигна 199.057, бројот на оздравени пациенти е 185.931, на починати 7.019, а на активни случаи изнесува 6.107.

Според епидемиолошките анализи, Скопје и натаму е град со најголем број активни случаи, 3.082, по што следи Куманово со близу 500 пациенти активни на Ковид-19, Велес – 297 случаи, Прилеп – 243…