Реконструиран Градскиот парк во Кавадарци

– Реконструиран е Градскиот парк во Кавадарци, со пари од општинскиот буџет, информираше денеска градоначалникот Митко Јанчев.

Тој појасни дека реконструкцијата опфаќаше повеќе работи.

– Комплетна подземна инсталација за наводнување, бунар со систем за сопствена вода, со што се штеди на водата за пиење од системот „Лукар”. Ревитализирано е зеленилото, посадени се околу сто нови и различни дрвни видови. Имаме и комплетно осветлување, како и видео надзор, рече Јанчев.

Јанчев соопшти дека целокупната инвестиција на општината е 6.5 милиони денари. Има и две донации од две компании, по 250 илјади денари и тоа  „Кодекс компјутери” и „Дијана маркети”.

Доне Илов, инспектор за животна средина, рече дека се посадени околу 1.500 различни видови на грмушки, 2.000 цвеќиња и околу 150 квадратни метри цветна површина. Изградена е и нова патека.

Градскиот парк ,,Љупчо Шкартов” во Кавадарци важи за еден од најубавите во државата. Подигнат бил во 1955 година и зафаќа површина од 85.000 квадратни метри.

 

 

 

 

МИА