Реплики и контрареплики го блокираа Собранието

 

ВМРО-ДПМНЕ со однапред подготвена стратегија на пратениците, со меѓусебни реплики и контрареплики, не дозволија процесот на конституирање на парламентот да се мрдне од мртва точка.

Со таква тактика тие, барем времено, го одолжија целиот процес за избор на претседател на Собранието.

За дискусија беа пријавени 50 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, а само за првата дискусија беа пријавени 50 пратеници за реплика.

СДСМ ваквиот потег го оцени како обид за избегнување на одговорноста за, како што велат, направените криминали, со тоа што ќе ги одолжуваат сите процедури и ќе постапуваат спротивно на собранискиот Деловник.

Социјалдемократите најавија дека ќе ја искористат можноста со потписи од 20 пратеника да го предложат пратеникот од ДУИ Талат Џафери за претседател на Собранието и да ја избегнат процедурата тоа да оди преку Комисијата за избори и именувања.

Ваквата иницијатива на СДСМ, пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ ја оцени како легитимна, но нагласи дека тоа не ја исклучува можноста останатите пратеници преку Комисијата или пак со поддршка на 20 пратенички потписи да предложат свои кандидати за претседател.

Димовски додаде дека точката за формирање на Комисијата за избори и именувања, за која сега дебатираат не може во ниту еден случај да биде прекината и да се премине на друга точка. Рече дека најдобра опција за излез од политичката криза е распишување нови парламентарни избори. Тој оцени дека сето она што го прави неговата партија е во согласност со Уставот и Деловникот на Собранието и во согласност со праксата којашто досега ја применувале пратениците од СДСМ.

„Собранието има обврска отворено, јасно без криење да дискутира за сите суптилни и значајни теми кои навлегуваат во целосно редефинирање на концептот на Македонија како унитарна држава. Собранието е право место за дебата. Не е проблем што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ дебатираат, проблем е што пратениците на СДСМ ја избегнуваат таа дебата. Да кажат што прифатиле, каков закон за јазици прифатиле, за платформата… Друг проблем е што сакаат мнозинството граѓани Македонци да ги однесат во опозиција, со што сакаат да наметнат дестабилизација. Ние ќе се бориме против тоа користејќи ги сите уставни и деловнички можности“, изјави Димовски.

Пратеникот од СДСМ, Петре Шилегов, оцени дека веќе е јасна намерата на ВМРО-ДПМНЕ да блокира и одолжува поради што, напомена тој, дискусијата за Комисијата за избори и именувања била беспредметна.

„До Собранието поднесовме барање за избор на претседател на Собранието со поддршка на 20 пратеници. Со оглед на тоа дискусијата за Комисијата станува беспредметна и веднаш треба да се премине на избор на претседател на Собранието. Надвор од секоја логика ВМРО-ДПМНЕ побара мнозинство во Комисијата за избори и именувања и го доби. Побара претседател на Комисијата и го доби. Сега самото ВМРО-ДПМНЕ го блокира изборот на Димовски. Тоа доволно зборува колкав е стравот на Никола Груевски и желбата да избега од одговорноста. Ние нема да бидеме соучесници во разнебитувањето на Македонија“, изјави Шилегов.

Шилегов потврди дека нивен предлог за претседател на Собранието е Талат Џафери од ДУИ.

Конститутивната седница на новиот собраниски состав почна на 30 декември лани, но беше прекината, бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на законодавниот дом.

Сега е неизвесно кога таа ќе заврши, поради големиот број пријавени пратеници за дискусии и за реплики.