Решението за недостигот на вода за пиење на Земјата ни лежи под нозе

LinkSense.mk

Недостигот на вода, кој веќе погодува милијарди луѓе ширум светот, ќе се влоши во наредните децении, поврзан со сушата, загадувањето, зголемувањето на нивото на морето и лошото управување, но „невидливото“ решение може да лежи под земја.

Потрошувачката на вода ќе расте за еден процент секоја година во следните три децении, а извештајот на Обединетите нации објавен во понеделникот предвидува дека важноста на подземните води ќе расте во време кога климатските промени и човечката употреба на природни ресурси ги намалуваат резервите на површинска вода како оние во езерата.

Подземните води, кои сочинуваат 99 отсто од светските резерви на вода за пиење, денес се потценети и малку се знае за тоа, со нив лошо се управува, па дури и се злоупотребени, се вели во извештајот на ОН од 2022 година.

Дури 3,6 милијарди луѓе барем еден месец немале задоволителен пристап до вода во 2018 година, а истражувачите очекуваат дека тој број до 2050 година ќе порасне и до 5 милијарди.

Што ако решението за проблемите со водата во светот се наоѓа веднаш под нашите нозе?“, рече Ричард Конор, главен уредник на извештајот објавен од УНЕСКО.

Ако целата таа подземна вода би можела да се искористи на одржлив начин, тоа би било огромна можност, рече Конор.

Како што расте светската популација, а со тоа и притисокот на резервите и снабдувањето со вода, еве ги причините зошто треба да посветиме поголемо внимание на огромниот потенцијал на подземните води и да преземеме чекори за да овозможиме правилно управување со нив.

Зошто се важни подземните води и која е користа од нив?

Само еден процент од водата на земјата е вода за пиење, која најмногу ја има во глечерите, а остатокот е солена вода во океаните. Дури 99 отсто од водата за пиење е под земја, каде нејзиниот квалитет е главно добар. Затоа може да се користи безбедно, евтино и без потреба од посебна обработка.

Водата складирана над земја, како и во вештачките езера, е ограничен ресурс, често скап и ранлив на загадување и ефектите од климатските промени, како што се сушите, а начинот на експлоатација на оваа вода може да има еколошки и социјални последици.

За споредба, 10-20 проценти од подземните води природно се обновуваат и се наоѓаат на плитки длабочини, што ги прави лесно достапни. Остатокот се однесува на „фосилна вода“ која под земја се наоѓа илјадници, па дури и милиони години. Таа не е обновлива, но затоа ја има во огромни количини. Системите за подземна вода се важни и за областите богати со флора и фауна, како што се шумите, но и за земјоделството, каде што подземните води сочинуваат четвртина од вкупното искористување на водата, се вели во извештајот на ОН.

Подземните води сочинуваат околу половина од светската вода и се најевтиниот извор на вода за пиење за руралните жители, од кои повеќето немаат пристап до јавни или приватни системи за водоснабдување.

Како се злоупотребуваат резервите на подземните води и кои се последиците?

Прекумерната експлоатација може да има сериозни последици, вклучувајќи лизгање на земјиштето и конфликти поврзани со недостиг на резерви.

Во главниот град на Индонезија, Џакарта, брзата урбанизација доведе до тоа многу граѓани да се потпрат на бунари кои ги исушуваат подземните водоносни слоеви, што предизвикува огромниот град да паѓа од 5 до 10 сантиметри секоја година.

Подземните води можат да бидат загадени со несоодветна и неправилна санитација и теренски тоалети, но и со индустриско загадување, ископ на руда и со земјоделски хемикалии.

Конор, уредникот на извештајот на ОН, забележува дека подземните води се помалку чуствителни на загадување отколку резервите над земја.

Кога еднаш ќе дојде до загадување, водата е тешко да се спаси“, рече Конор, и повика на акција чија цел е да се заштитат подземните води преку зајакнување на еколошките служби, регулација и службите за спроведување на таа регулација.

Кои се предизвиците за користење на повеќе подземни води и како може да се надминат?

Областа како субсахарска Африка има слабо развиено снабдување со вода и малку наводнување за земјоделството, што ја прави зависна од сè понестабилните врнежи и ранлива на суша, што може да предизвика глад, сиромаштија и масовна миграција.

Субсахарска Африка и Блискиот Исток содржат значителни резерви на подземни води кои во голема мера се неискористени и, доколку се користат на контролиран начин, може да придонесат за снабдувањето со вода таму.

Владите мора да инвестираат во водоснабдување и институции, тие мора да обучуваат професионалци за да можат да пристапат до овие резерви на одржлив начин, се вели во извештајот на ОН.

Развојот на изворите на подземните води, исто така, би можел да го поттикне економскиот развој со проширување на наводнувањето на земјоделското земјиште и подобрување на земјоделските приноси и разновидноста на културите.

Надвор од Австралија, Европа и Соединетите Американски Држави, има малку податоци за подземните води, вклучително и колку вода воопшто е достапна на различни длабочини, со каков квалитет е, и кое е нивото на соленост.

Но, компаниите кои се занимаваат со истражување на нафта, гас и минерали често собираат огромни количини на информации за подземјето, вклучувајќи ја и водата што ја содржи.

Тие компании би можеле да се обврзат да ги споделат своите информации за подземните води со службите задолжени за нивно управување, а тоа би можело да поддржи одржлива експлоатација, рече Конор.

Треба да имате знаење и податоци за да знаете колку вода има, каков е нејзиниот квалитет, но и каде се наоѓа и колку брзо се обновува“, додаде тој.