„Римац“ стана мнозински сопственик на „Бугати“

– Компанијата „Римац автомобили“, основана од хрватскиот претприемач и иноватор Мате Римац, објави дека станала мнозински сопственик на „Бугати“ – познатиот француски производител на тн. хиперспортски автомобили.

Така, нов дом на „Бугати“ ќе биде кампусот „Римац“ во Хрватска. Според наводите, групацијата се поделува на две компании – „Бугати Римац“ и „Римац технологија“. Мате Римац ја објави оваа вест на Фејсбук.

– „Римац“ и „Бугати“ совршено се надополнуваат. Како млада, агилна и брзорастечка автомобилска и технолошка компанија, ја освоивме довербата на нашите партнери и сега имаме силна позиција во индустријата за електрична технологија со високи перформанси, посочува Римац.

„Бугати“ претходно беше во групацијата „Фолксваген“, која продава автомобили ширум светот и под брендовите „Бентли“, „Ламборџини“, „Ауди“, „Порше“, „Сеат“ и „Шкода“.

Римац досега лансираше две генерации свои суперавтомобили. Оваа година беше претставена најновата „Римац невера“ – електричен суперспортски автомобил кој забрзува до 100 километри на час за под две секунди. Вкупно 150 примероци ќе бидат произведени во Хрватска.

„Невера“ е производна варијанта на концептниот автомобил, првпат прикажан на Меѓународниот саем за автомобили 2018 година во Женева.