РКЕ донесе одлука за незначително намалување на цената на струјата

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлука со која сметките за електрична енергија на универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ незначително ќе се намалат, со примена на измените на Законот со кои ДДВ за електрична енергија се намали од 18 на 5 отсто.

На одржаната главна седница регулаторите одобрија регулиран максимален приход и цени на пресметковните елементи за вршење на енергетската дејност и снабдување со електрична енергија на потрошувачите, кои ги снабдува универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ ДОО Скопје.

„Евтината тарифа останува на сила во дневните и ноќни интервали, како и до сега, а сметките за електрична енергија практично ќе останат непроменети со носење на законот со кој ќе се намали ДДВ-то за електрична енергија, изјави Марко Бислимоски претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Со донесената одлука се гарантира сигурност и стабилност во испораката на електрична енергија. Од побараните 50 денари на 1000 денари сметка за електрична енергија од страна на сите енергетски компании што ги регулира Комисијата, одобрени се 6 денари.

Бислимоски посочи дека РКЕ нема влијание на останатите елементи во крајната цена, како што се увозот на струјата кој во првите шест месеци изнесуваше 32 милиони евра, маржата на ЕВН Хоме, трошокот за обновливи извори кој е зголемен за 1,5 милиони евра, цената на ЕСМ која во просек во однос на минатата година е зголемена за 2,5 отсто.

„Намалувањето на ДДВ-то е добро решение, но неопходен е системски одговор – да се прошири опфатот на ранливи категории кои ќе добиваат субвенции за сметките за електрична енергија, изјави Бислимоски.

Првиот човек на РКЕ, Бисломовски, на денешната прес-конференција истакна и дека на МЕПСО за период од три години му се одбиени вкупно 11,6 милиони евра трошоци, додека на Електродистрибуција 12,9 милиони евра.

Воедно, денеска РКЕ одобри инвестиции за период од три години и тоа во преносната мрежа 60 милиони евра, а во Електродистрибутивната мрежа инвестиции од 124 милиони евра.