Роденденската журка на Барак Обама крена бура во Америка

Поранешниот американски претседател, Барак Обама, снимен е како танцува без маска на својата масовна прослава на 60-от роденден.

Видеото го постави соул пеачката Ерика Баду, која настапи на забавата со својот бенд. Видеото го покажува славеникот како се забавува на сцената, а потоа ја гушка неговата жена.

Настанот предизвика лавина критики од републиканските пратеници, како и од обични луѓе на Интернет, кои го обвинија поранешниот претседател дека не ги почитувал безбедносните правила за корона вирусот во време кога во Соединетите Американски Држави расте бројот на заразени.

Според американските центри за контрола и превенција на болести, просечниот број на новозаразени во последните седум денови изнесува околу 100.000.

Брачниот пар Обама, наводно, имал намера да направи некаква интимна семејна забава, повикувајќи ги само роднините и блиските пријатели, но според американските медиуми на роденденската прослава имало повеќе стотици гости, меѓу кои биле актери, режисери, музичари, тв водители и политичари.

Според некои медиуми, 44-от претседател на САД првично планирал да угости околу 500 лица кои би ги опслужувале околу 200 вработени, но одлучил да го намали бројот заради ширењето на делта видот на ковид-19, за кој се вели дека е повеќе пренослив, дека предизвикува тешки случаи и дека бил „отпорен“ на вакцините.

Еден корисник на социјалните мрежи се пошегува пишувајќи дека се чини оти пандемијата е завршена и дека животот може да се врати во нормала откако видел како поранешниот претседател и неговите гости се забавуваат без маски. Другите беа помалку воздржани и го нарекоа лицемер, а некои се жалеа заради двојните стандарди во американското општество.

(Фото: АП)