Родители на деца со пречки во развојот три дена ќе кампуваат спроти Собрание

Здружението „Сплотени срца“ и родителите на деца со пречки во развојот во знак на протест поради, како што велат, непочитување на правата на децата со посебни потреби од страна на државата, денеска во Скопје поставија шатори во паркот „Жена борец“ спроти Собранието.

Тука ќе „кампуваат“ во наредните три дена.

Тие упатуваат барања до политичарите за остварување на правата како и подобри услови за нега на лицата со пречки во развојот.

„Овде сме за лицата со инвалидитет, за децата и возрасните со посебни потреби. Денес кампуваме пред совеста на сите оние кои што може да направат нешто. Ние не сме против никого, во ова нема политика. Има закони кои што гарантираат права за нашите деца, но некои од законите се само на хартија“, вели Зоран Мијалков, претседател на здружението „Сплотени срца“.

Родителите на децата со посебни потреби велат дека сакаат да бидат партнери со институциите и со секој кој сака да помогне, и тие самите се нудат да помогнат околу решавањето на овој проблем.

„Нашите деца имаат право да живеат, ние имаме право да живееме, иако нашите животи се многу тешки“, велат родителите.

Тие ги повикуваат сите што сакаат да се приклучат на овој мирен протест, да дојдат и да ги поддржат во наредните три дена како и секој 20-ти ден од месецот се додека не се формира нова влада.

Родителите се надеваат дека тие и нивните деца ќе бидат еден од приоритетите на новата влада.

„Доставивме барања до институциите и до партиите пред изборите. Повеќе здруженија ги составуваа овие барања, исто така и секоја категорија на лица со посебни потреби има други свои барања кои се вон тоа. Барањата не се некој нас да ни дава пари од буџетот, ние не го сакаме тоа. Еден од законите кои што ги бараме е државата да биде покровител на нашите деца искористувајќи го нашиот имот“, вели Мијалков.

kamp baranja

На мирниот собир се појави и министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими кој им вети на родителите дека ќе седнат на маса и ќе бидат разгледани сите нивни предлози и барања со цел да се создадат подобри услови за лицата со посебни потреби.

На самиот почеток на собирот се случи мал инцидент, непознато лице без да се легитимира се обидело да ги сруши шаторите на присутните.

„Дојде момче, за кое отпосле констатиравме дека бил вработен во Град Скопје, но не се легитимираше и почна да ги руши шаторите. Прво не сакаше да се легитимира, а потоа кажа дека требало да се поправаат плочките. Имаше дете во шаторот, а тој зема да трга. Ако во оваа земја, ние родителите и децата со посебни потреби не сме пожелни, нека кажат да бараме азил“, вели Мијалков.