Новите европски санкции се непријателски и неосновани акти, соопшти денес руското министерство за надворешни работи.
Во соопштението во исто време се додава дека Русија го задржува правото да одговори на тие санкции, пренесува Тасс.
„Одлуката на Брисел да додаде некои руски официјални лица и компании на листата на санкции на ЕУ поради, наводно, испораката на турбини на Сименс на Крим е вознемирувачка, стои во соопштението.
Европската унија на листата на санкции вчера додаде уште тројца руски државјани, меѓу кои е заменикот во руското Министерство за енергетика, Андреј Черезов, како и уште три компании, поради испораката на турбините на Сименс на Крим.
На директорот на одделението за оперативна контрола и управување со електроенергетски систем при Министерството за енергетика, Евгениј Грабчак, исто така му е воведена забрана за патување во ЕУ и мерка на замрзнување на имотот во Унијата, пренесува агенцијата Ројтерс.
Меѓу компаниите кои се додадени на листата се и две партнерски компании на Сименс кои ги префрлиле турбините од германскиот гигант на Крим, со што ги прекршиле европските санкции.
Германскиот инженериски конгломерат Сименс неодамна соопшти дека ја запира испораката на енергетска опрема на руските компании во државна сопственост, откако неговите четири гасни турбини изработени за еден проект во јужна Русија „се модифицирани и нелегално се префрлени на Крим“.
Со таа постапка, како што е порачано од Сименс, се прекршени санкциите кои Европската унија ги воведе кон Крим после неговото присоединување кон Руската Федерација во 2014 година, а во рамки на кои е забранета испорака на енергетска технологија на тој полуостров.







