Русија објави список со непријателски држави: На листата Америка и Чешка

Владата на Русија утврди список на непријателски земји, а на него се најдоа Соединетите Американски Држави и Чешка.

Документот е објавен на официјален портал за правни информации. Одлучено е, дипломатската мисија на Чешка да може да вработува најмногу 19 работници од Русија, а Америка – ниеден.

„Да се одобри приложениот список на странски држави кои преземаат непријателски акции против Русија, граѓаните на Русија или руски правни лица, против кои се применуваат контра мерки, утврдени со Указ на претседателот на Русија од 23 април 2021 година (број 243) за примена на контра мерки на непријателските акции на странските држави“, се наведува во документот.

Указот донесен од рускиот претседател Владимир Путин, според информациите од Кремљ, е со цел да се заштитат интересите и безбедноста на Русија. Тој го ограничува потпишувањето на работните и други слични договори меѓу дипломатските и конзуларните претставништва и претставништвата на државни органи на странски држави кои презеле непријателски акции против Русија и физички лица на територија на Русија.