САД и С.Арабија договорија продажба на оружје вредна 110 милијарди долари

Белата куќа соопшти дека во првиот ден од посетата на претседателот на САД, Доналд Трамп, на Саудиска Арабија е договорена продажба на американско оружје вредно речиси 110 милијарди долари на тоа кралство кое е традиционален сојузник на Вашингтон.

„Овој пакет на одбранбена опрема и услуги претставува поддршка за долгорочна безбедност на Саудиска Арабија и Заливот од иранските закани“, навел неименуван претставник на администрацијата на Трамп во изјава за новинската агенција АФП.

Тој додал дека со оваа продажба ќе биде подобрена „можноста на Саудиска Арабија да допринесе во антитерористичките операции во поширокиот регион, со што ќе се намали товарот кој се наоѓа на војската на САД во извршувањето на воените операции“.

АП вчера во најавата на овој договор меѓу Вашингтон и Ријад наведе дека во тој пакет се тенкови, бојни бродови, системи за ракетна одбрана, радарска и комуникациска технологија и технологија за сајбер безбедност.

Поголемиот дел од пакетот се однесува на она што САД и го вети на Саудиска Арабија пред доаѓањето на Трамп на власт.

АП наведува дека администрацијата на Трамп вчера го информирала американскиот Конгрес и дека ќе продаде 500 милиони долари вредна испорака на прецизно водена муниција на Ријад.

Стејт департментот наведува дека муницијата ќе ја подобри можноста на саудиската војска за стрелање, посебно во Јемен каде што е критикувана поради цивилни жртви во борбата против востаниците кои ги поддржува Иран.