Самоубиствен напад во Кабул, загинаа 19 лица

LinkSense.mk

Во самоубиствен напад врз едукативен центар во авганистанската престолнина Кабул денеска загинаа најмалку 19 лица, а десетици се ранети, соопшти полицијата, а пренесува Ројтерс.

Никој се уште не ја презеде одговорноста за нападот, но многу од жителите на областа каде што се случи експлозијата се Хазари, етничко малцинство кое беше цел на претходни напади кои, меѓу другите, ги изведуваше терористичката организација Исламска држава, наведува британската агенција.

Портпаролот на полицијата во Кабул соопшти и дека во нападот се повредени 27 лица и дека тој се случил во образовниот центар каде се одржувал приемниот испит.

Училиштата во Авганистан обично се затворени во петок.

„Нападот врз цивилни цели ја докажува непријателската нечовечка суровост и недостатокот на морални стандарди“, изјави портпаролот на полицијата.

Тој додаде дека безбедносните сили пристигнале во областа и дека истрагата е во тек.

Сведок кој зборувал за Ројтерс под услов да остане анонимен, вели дека бомбашот самоубиец го активирал експлозивот во образовниот центар.

Откако Талибанците ја презедоа власта во Авганистан во август 2021 година, имаше неколку смртоносни експлозии во џамии и цивилни подрачја.

 

 

 

 

 

 

(Фото: АП)