Саудиска Арабија гради луксузно песочно одморалиште

Саудиска Арабија претстави проект за изградба на луксузно одморалиште што ќе биде сместено среде природниот песочен резерват Шараан во пустината Ал-Ула.

Одморалиштето, исто така наречено Шараан, е дизајнирано од францускиот архитект Жан Нувел. Првите објавени слики ги прикажуваат елегантните и пространи дворови на одморалиштето однадвор, наспроти неговата богата, но интимна внатрешност.

Изгледот на одморалиштето е делумно инспириран од Ал-Хиџр – археолошкото наоѓалиште под заштита на УНЕСКО, што неодамна беше отворено за јавноста.

Нувел посочува дека на овој начин сака да придонесе за зачувување на „овој древен пејзаж“ на саудиската пустина.

– Ал-Ула е музеј. Секоја вдлабнатина и испакнатост, секое зрно песок и карпа… Секое геолошко и археолошко место го заслужува секое внимание и подробно проучување. Од огромно значење е да се задржи целата препознатливост и привлечност на пустината, изјави архитектот за „Дезен“.

Одморалиштето Шараан ќе биде отворено за посетители до 2023 година и ќе има 40 апартмани за гости и три вили. Развојот на проектот целосно ќе го надгледува Нувел, заедно со Кралската комисија за пустината Ал-Ула, составена 2017 година, за да помогне во развојот и унапредувањето на ова подрачје.

Овој проект е дел од пошироките напори на Саудиска Арабија да се претстави како меѓународна туристичка дестинација, заради стопанството и националниот идентитет на земјата.