Светот после вакцината – коронавирусот во иднина ќе биде „опасен“ како здодевна детска инфекција, со благи симптоми

Њујорк Тајмс

17 февруари 2021

Овие недели и месеци, кога милиони се вакцинираат против коронавирусот и кога се чини дека пандемијата наскоро ќе заврши, научниците размислуваат како би можел да изгледа светот по вакцината. А, она што го гледаат, се чини утешно.

Вирусот ќе остане, но откако повеќето возрасни лица ќе бидат имуни – без оглед дали после природна инфекција или вакцинација – тој нема да биде проблем поголем од обична настинка, покажува студијата објавена на 12 јануари во списанието „Сајанс“.

Вирусот сега е закана затоа што е необичен патоген што може да го преплави имунолошкиот систем на возрасно лице, кој не е научен да се бори против него. Ова нема да биде случај кога сите ќе бидат изложени на вирусот или вакцината.

Децата се постојано под напад на патогени микроорганизми кои се нови за нивните тела, и тоа е една од причините зошто тие се многу подобри во пружањето отпор на коронавирусот.

Како одминува времето, вели оваа студија, вирусот ќе биде проблем само за деца под пет години и ќе мачи или само со обично кивање или нема да имаат никакви симптоми. Со други зборови, коронавирусот ќе стане „ендемски“, патоген што циркулира на пониско ниво и што ретко предизвикува посериозно заболување.

– Прашањето колку брзо можеме да ја достигнеме оваа ендемска состојба зависи од тоа колку брзо се шири болеста и колку брзо вакцините ќе станат достапни, изјави Џени Лавин, постдокторски соработник на Универзитетот Емори во Атланта, која ја предводеше студијата.-Значи, главната работа е да ги изложиме сите што е можно побрзо на вакцината.

Докторката Лавин и нејзините колеги проучувале други шест човечки коронавируси – четири кои предизвикуваат настинка, како и вирусите САРС и МЕРС – за да ги откријат тајните на новиот патоген. Првите четири коронавируси се ендемски и предизвикуваат благи симптоми. САРС и МЕРС, кои се појавија во 2003 и 2012 година, предизвикаа сериозни болести, но не се проширија толку брзо. Иако сите овие вируси доведуваат до сличен одговор на имунолошкиот систем, новиот вирус е најсличен на ендемските коронавируси на „кивање“, е хипотезата на Лавин и нејзините колеги.

Повторно анализирајќи ги податоците од претходната студија, тие откриле дека првите инфекции предизвикани од обични коронавируси се јавуваат, во просек, на возраст од три до пет години. По тој период, луѓето можат да се заразат повторно, и тоа многу пати, што само го зајакнува нивниот имунитет и, сепак, го остава вирусот во циркулацијата. Но, тие не се разболуваат.

Истражувачите предвидуваат сличен пат за новиот коронавирус. Без вакцината, цената за стекнување имунитет за целото население би била многу болни и починати. Вакцините целосно ја менуваат таа пресметка. Ефикасната вакцинација може да значи дека најмногу за една година, а можеби дури и за само шест месеци, коронавирусот ќе стане само ендемска инфекција.

Тоа не значи дека вакцините целосно ќе го искоренат коронавирусот, вели докторката Џени Лавин. Тој ќе стане постојан, но многу понеопасен и ќе го има насекаде во нашето опкружување.

– Се согласувам со целокупната интелектуална конструкција на овој труд, вели Шејн Кроти, вирусолог од Институтот за имунологија Ла Џола во Калифорнија. Ако вакцините спречуваат пренесување, „ова изгледа како сценарио слично на сипаниците каде што ги вакцинирате сите, вклучително и децата, а потоа вирусот видно не ги заразува луѓето“.

Сепак, многу поизвесно е дека вакцините ќе ја спречат болеста, но не и инфекцијата и пренесувањето, додаде тој. Ова значи дека коронавирусот ќе продолжи да циркулира.

Целиот модел на докторката Џени Лавин се базира на претпоставката дека новиот коронавирус е сличен на оној што предизвикува настинка. Но, тоа можеби не е случај, предупредува Марк Липсич, епидемиолог од школата за јавно здравје Хауард Т. Х. Чен во Бостон. Второто сценарио, вели тој, е дека овој вирус наликува на сезонски грип, кој е лесен за некои години, а понекогаш и смртоносен. Новите варијанти на коронавирусот исто така може да ја комплицираат оваа слика.

– Нивното предвидување е нешто на што би се обложил и би вложил многу пари во тоа, вели доктор Липсич. – Но, не сум сигурен дека тоа е загарантирано.

Како воопшто се појавиле првите коронавируси кои предизвикуваат настинки, не е јасно, но откако го запознавме новиот, некои научници се вратија на теоријата дека пандемијата од 1890 година, во која починаа околу еден милион луѓе, може да е предизвикана од ОЦ-43, еден од „обичните“ коронавируси.

– Постои теорија дека човечката популација развила широк имунитет кон OC-43, со што се ставило крај на пандемијата, вели Андре Веилети, имунолог од Институтот за клинички истражувања во Монтреал, Канада.-Овој коронавирус сè уште циркулира во заедницата, но на прилично мирен начин.

 

ИЗВОР: МИА