СДСМ: Бегањето на Арсовска не враќа во режимот на Груевски

LinkSense.mk

„Данела Арсовска не заслужува да биде ни кандидат за градоначалник на Скопје затоа што бега од дебати, не одговара на новинарски прашања и ја потценува јавноста“, се наведува во најновото соопштение за јавноста на владеачката СДСМ.

Најновото бегство од јавноста на Данела Арсовска е неодржувањето на нејзината редовна прес-конференција, со што им се оневозможува на новинарите да и поставуваат било какви прашања од интерес на скопјани.

„Ваквата практика на бегање од јавноста, неодговарањето на директни прашања од јавен интерес и арогантниот однос кон новинарите, не враќа во време на режимот на Никола Груевски кога практично беа укинати ТВ дебатите“, се наведува, меѓу другото, во соопштението.

Скопје, велат социјалдемократите, се сеќава на медиумскиот мрак кога Никола Груевски и Коце Трајановски бегаа од дебати за да не одговараат на конкретни прашања за уништувањето на градот со проектот „Скопје 2014“ за кој првично ветуваа дека ќе чини 80, а потрошија околу 700 милиони евра, а се сеќава и на медиумскиот мрак кога студенти беа насилно дислоцирани од плоштадот, кога специјалци влегуваа во А1 телевизија и го штитеа уништувањето на паркови и сечењето дрвја за барокните згради и фасади на Груевски и Коце Трајановски.

„На Скопје не му треба повторно медиумски мрак и градоначалник кој бега од дебати и ја потценува јавноста. Скопјани ќе ја казнат во недела Данела Арсовска, затоа што со својот арогантен однос ја потценува јавноста“, заклучуваат од СДСМ.