СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ е деструктивна партија, против ЕУ и НАТО

„Аудио снимката на која слуша Јелена Жугиќ од ВМРО-ДПМНЕ е вистински доказ дека Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се против Европската унија и против НАТО. Во снимката Жугиќ зборува дека тие, ВМРО-ДПМНЕ, се бореле против Брисел и Вашингтон. Жугиќ во снимката вели и дека тоа не биле нејзини, туку зборови на Христијан Мицкоски. Антизападниот Мицкоски се крие и од сопственото членство, па испраќа емисари како Жугиќ по општинските комитети како да ги пренесат неговите пораки, бидејќи нема образ да каже дека е против ЕУ и НАТО ниту пред своите сопартијци“, се вели во партиското соопштение на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Социјалдемократите истакнуваат дека снимките кои протекоа во јавноста го обелодениле вистинското лице на ВМРО-ДПМНЕ, дека партија е против Унијата и НАТО, против едно општество за сите, и дека знае само да блокира и да внесува раздор и да прави поделби меѓу граѓаните.

„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ со ваков деструктивен однос кон граѓаните и државата, со таквата понуда, може само да очекуваат нов, седми пораз од граѓаните. Граѓаните се против блокади, деструкции, омраза и поделби, граѓаните се за напредок, за развој, за евроатланска интеграција. Затоа граѓаните редовно ги казнуваат ВМРО-ДПМНЕ на избори, затоа уште долго ќе бидат во опозиција“, се наведува во соопштението