Семејниот двоец, Никола Груевски и Сашо Мијалков, и нивните соучесници извршиле државен удар со досега незапаметено кршење на правата и слободите на граѓаните, велат од СДСМ.
Пропаднаа, тврдат од таму, сите лаги на Груевски дека странски служби и жолти комбиња ги прислушкувале граѓаните во Македонија и додаваат, дека сега јавноста сфатила зошто Груевски бега од судска постапка за, како што ветуваше, за да даде одговор кој, како и зошто прислушкувал.
„Ете кој го направил пучот. Ете кој прислушкувал над 20 илјади граѓани. Ова е обид за воведување целосна диктатура и поништување на правото на приватност преку следење на граѓаните. Во колкава параноја биле браучедите кои не верувале никому и ги прислушкувале дури и најблиските соработници? Како што слушнаа граѓаните, тие и дополнително им наредувале да преземаат незаконски дејствија за кои ќе треба да одговараат. Од ова се гледа како Груевски и Мијалков незаконски ги следеле и прислушкувале политичарите, бизнисмените, новинарите и граѓаните, како имале пристап до сите информации, знаеле се за секого во државата, па им било полесно да ги украдат и изборите. За ова, Груевски, Мијалков и сите останати мора да одговараат. Правда мора да има“, се вели во соопштението на СДСМ.