СДСМ: Од утре нови осум милиони евра бескаматни кредити за стопанството

Скопје, 28 април 2020

Во време кога државата е соочена со економските последици предизвикани од коронавирусот, Владата продолжува со спроведување на мерките кои имаат за цел да им помогнат на граѓаните, работниците и на стопанството.

Една од последните мерки е новиот пакет кредити без камата во износ од осум милиони евра, пари кои можат да ги искористат компаниите.

Минималниот износ на кредит изнесува 3 000 евра, додека максималниот е 90 000 евра.

За овие кредити аплицирањето започнува утре, на 29 април, а главен услов за аплицирање е компанијата да има за 30 проценти намален приход во март 2020 година во однос на март 2019-та или во однос на просечните месечни приходи за 2019 година.

Сите фирми кои ќе пресметаат намалени приходи, а им се неопходни брзи пари за надминување на економските последици може да аплицираат за овие бескаматни кредити кои се поволни, а чиј рок на отплата е до три години со грејс- период од 12 месеци.

Покрај овие кредити, Владата обезбеди и финансиска поддршка за работниците погодени од кризата кои ќе добиваат по 14.500 денари месечни приходи за април и мај.

Оние кои останале без работа поради кризата со коронавирусот имаат можност да добиваат 50 отсто од просечната плата што ја добивале во последните две години.

За да им се намали финансискиот товар на домаќинствата и компаниите плаќањето на ратите на кредитите во банките е одложено за шест месеци, а извршните дејствија на извршителите се запрени до 30 јуни.

Ова се само дел од мерките со кои им се помага на граѓаните, работниците и на комапниите за полесно да ги санираат економските последици од коронавирусот.

Посветеноста и одговорноста на владата не завршува тука, во наредниот период следува нов пакет на мерки за уште посилна поддршка на домашната економија.

Со солидарност, со одговорни политики и со знаење ќе се справиме со негативните економски последици од пандемијата на коронавирусот.

Нема да се откажеме од планот за европска и економски силна држава.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ