Северна Кореја прави ракета што ќе стаса до Америка!?

LinkSense.mk

Северна Кореја ќе продолжи да развива ‘застрашувачки орудија’ кои не ќе можат да се заменат или да се продадат за ништо на светот“, изјави лидерот Ким Jонг Ун, пренесоа денеска државните медиуми, при неговата посета на работниците вклучени во досега најголемото тестирање на балистички проектили.

Пјонгјанг претходно соопшти дека во четвртокот успешно тестирал нов тип на интерконтинентална балистичка ракета со нуклеарен капацитет што би можела да стигне до Соединетите Американски Држави.

Севернокорејските медиуми во петокот информираа дека самиот Ким Јонг Ун ги водел последните подготовки за лансирањето на новата ракета „Хвасонг 17“ и дека на тој начин ја покажал „сигурноста на неговото сегашно распоредување на оружјето со голем дострел“.

Ким се сретна со официјални лица, научници, техничари и работници кои беа вклучени вклучени во лансирањето на проектилот, објави државната новинска агенција.

Само кога сте опремени со застрашувачки ударни способности, со супериорна воена сила која никој не може да ја запре, може да се спречи војна, да се гарантира сигурност на земјата и да се запрат сите закани и уцени на империјалистите“, рече Ким, се наведува во извештајот.

Додека лично го надгледувал тестот во четвртокот, Ким рече дека новата ракета помага да се одврати каков било воен потег на Соединетите Американски Држави, кои технички останаа во војна со Северна Кореја после Корејската војна 1950-1953 година, која заврши со примирје, а не со мировен договор.

Вашингтон се обиде да изврши притисок врз Пјонгјанг да се откаже или да го намали својот арсенал на нуклеарно оружје, но Ким рече дека неговите одбранбени сили „не можат да се заменат или купат со ништо“ и дека ќе останат силни и непоколебливи и покрај тешките искушенија и тешкотии.

Северна Кореја ќе продолжи да гради посовршени и посилни стратешки сили, рече Ким, мислејќи на нуклеарните сили на земјата.

Соединетите Американски Држави во петокот соопштија дека ќе се залагаат за построги санкции на Обединетите нации за Северна Кореја поради „сè поопасните провокации“, но Кина и Русија изразија противење и наместо тоа повикаа на олеснување на таквите мерки.

Јапонија и Јужна Кореја потврдија дека податоците за летот на интерконтиненталната балистичка ракета во четвртокот покажуваат дека проектилот летал повеќе и подолго од кое било претходно севернокорејско тестирање.

Но, аналитичарите велат дека се чини оти во извештаите на државните медиуми се снимки од претходно лансирање, а јужнокорејската новинска агенција Јонхап во вчера објави дека разузнавачките претставници во Сеул и Вашингтон веруваат дека Северот всушност тестирал постар и помал вид на балистичка ракета, Хвасонг-15.

 

 

 

 

 

(Фото: АФП)