Северна Македонија со нова Влада, Заев доби втор мандат

– Северна Македонија доби нова Влада. Зоран Заев синоќа кусо пред полноќ ја доби поддршката за втор мандат како премиер овој пат во Влада, составена од неговата коалиција „Можеме“, ДУИ и ДПА.

Со 62 гласа „за“ и 51 „против“ во Собранието синоќа пред полноќ беше избрана новата Влада.Опозицијата во овој парламентарен состав брои 58 пратеници, од кој 44 на ВМРО-ДПМНЕ, 12 на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива и 2 на Левица.

Во завршното обраќање пред пратениците Заев рече дека државата, која сега е членка на НАТО и има одлука за преговори со ЕУ, со посветеност и заедничка работа ќе има институции со кои ќе се гордеат сите.

Најави целосна посветеност на економијата, јакнење на економскиот стандард,
перспективи за младите во приватниот сектор, привлекување што е можно повеќе странски инвестиции, привлекување на домашниот капитал да влезе во инвестиции, намалување на непродуктивните трошоци во администрацијата, но и посилно и поквалитетно здравство.

Најави дека претстои стабилен политички период, одлучна и бескомпромисна борба против сивата економијата, криминалот и корупцијата, ефикасен, транспарентен и одговорен правен систем.

-Моќта, славата и среќата од слава и пари не се мојот идеал. Мојот идеал е да се биде среќен во земја на среќни граѓани. Тоа е нешто кон кое се стремиме. Граѓаните имаат право да имаат соништа, а ние треба нивните соништа да ги направиме јаве, порача староновиот премиер Заев.

Премиерот ја повика опозицијата на соработка.

-За стратешките прашања во државата задолжително очекува нашиот народ да соработувам и очекувам како претседател на Владата да имаме соработка со опозицијата. Но, искрено се надевам и за другите прашања да имаме соработка, рече Заев.