Сера: Сигурен сум дека ќе станете полноправна членка на ЕУ

LinkSense.mk

Тешко е да се предвиди датумот, но сигурен сум дека Република Македонија или Република Северна Македонија ќе стане полноправна членка на ЕУ. Важно е да се зајакне административниот капацитет, но и да се усогласи законодавството во земјата со европската легислатива.

Ова денеска го истакна амбасадорот на Кралството Шпанија во Македонија Емилио Лоренцо Сера на завршниот настан од твининг проектот финасиран од ЕУ за зајакнување на директивите за отпад и за посебни видови на отпад (пакување, батерии и отпад од електрична и електронска опрема).

Сера рече дека управувањето со отпад е прашање од суштинска важност и додаде оти рециклирањето и циркуларната економија нудат исклучутелно важни можности за отворање нови работни места.

Вирве Импари од Делегацијата на ЕУ истакна дека политичарите размислуваат за следните избори, а државниците размислуваат за следните генерации.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули информира дека досега во Македонија постоеле колективни постапувачи кои се однесувале само на пластика, хартија и на батерии. Го прошируваат тој опсег и влегуваат отпадното масло, гумите, каросериите од автомобилите и текстилот.

„Типичен е примерот со отпадот од текстил, наместо како што досега се закопувал во депонијата на „Исар“ во Штип или во Дрисла, сега тој може согласно законот, се воспоставува законска рамка, и може да се обработува.

Да постои колективен постапувач кој би го собрал од компаниите кои работат и да го донесе во некој центар во кој тој повторно ќе биде искористен како ресурс во процесот на производство, рече Макрадули.

Тој додаде дека за тоа е подготвена компанијата Цементарница УСЈЕ АД Скопје.