НАТО вчера доцна вечерта потврди дека сајбер инцидент влијаел врз работата на неговите веб-страници.
„Сајбер експертите на НАТО активно работат на инцидент што влијаеше на некои веб-страници на Алијансата. НАТО редовно се справува со кибер инциденти и многу сериозно ги сфаќа таквите безбедносни закани“, изјави претставник на воениот сојуз за германската новинска агенција ДПА.
Причина за ваквата изјава се објавите на социјалните мрежи во кои беше наведено дека проруски хакери ја нападнале страницата на Штабот за специјални операции на НАТО (NSHQ), која привремено станала недостапна.
Во објавите беше наведено дека во нападот, меѓу другите, учествувала и руската хакерска група „Килнет“.
Оваа група беше поврзана и со други неодамнешни напади, во кои на мета се најдоа страниците на германскиот Бундестаг и полицијата.
НАТО не објави дополнителни детали за инцидентот.







