Она што му се случува на Илон Маск во моментов е повод за да се анализира што е тоа антисемитизам, што значи кога некој ќе се обвини за антисемитизам и каква и колкава е одговорноста која подобро образованите припадници на најшироката човечка група наречена човештво треба да ја имаат кога е во прашање користењето на тој поим што најмногу асоцира на холокауст; на периодот од 1941 до 1945 година, кога германските нацисти плански истребија две третини од тогашната популација на европските Евреи.
Со оглед на тоа дека Белата куќа официјално го обвини Илон Маск за „гнасна промоција на антисемитска и расистичка омраза“ и „одвратни лаги“ за Евреите, што предизвика лавина корпоративни напади врз Маск лично и на неговата социјална мрежа Х, се отвара прашањето дали навистина еден од највлијателните претприемачи на денешницата е ужасен антисемит; човек кој со своите ставови, изјави, однесување, одлуки… ќе предизвика нешто како масакрите на Рајна во 1096 година, едиктот за протерување од Англија на Едвард Први во 1290 година, прогонот на Евреите за време на Црната смрт од 1348 до 1351 година, масакрот во Шпанија во 1391 година, протерувањето на еврејското население од Шпанија во 1492 година, козачкиот колеж на Евреите во Украина во 1648 и 1657 година, неколкуте погроми во Руската империја и Советскиот Сојуз, Аферата Драјфус, па преку веќе споменатиот Холокауст, и последниот умоболен напад на 7 октомври 2023 година од страна на Хамас во кој загинаа околу 900 цивили (вкупно околу 1200 луѓе)?
Со оглед на тоа дека би било многу необично да се замисли како налогодавачите, поттикнувачите, поддржувачите и извршителите на монструозните злосторства врз Евреите во своето време силно и експлицитно негирале каков било антисемитизам, како што тоа го прави денес Илон Маск, дали е коректно од толку високо ниво, како што е Белата куќа, да се обвини за антисемитизам и да се стави во друштво на најморбидните масовни злосторници во историјата на планетата? Или јавното политичко форсирање за справување со наводниот антисемитизам може само да предизвика конфузија во која најмногу ќе уживаат токму антисемитистите?
Впрочем, ако Илон Маск е навистина одвратен антисемитист, како што тврди Белата куќа, како е можно Соединетите Американски Држави да потпишале серија ексклузивни договори со негови компаниите и тоа на ниво на стратешки интереси на најмоќната држава во светот? Зарем не е длабоко антисемитско да се даваат работи од кои зависи националната безбедност на човек кој шири гнасен антисемитизам?
Поимот „антисемитизам“ после нападот на Газа, одеднаш, се чини, доби значења кои инаку не беа карактеристични за активности на антисемитистите низ историјата. На пример, низа институции, организации, компании и Белата куќа ги обвинија Илон Маск и неговата социјална мрежа Х за „одвратно“ ширење антисемитизам, бидејќи тој навистина непримерно и несоодветно реагирал на тврдењето на еден од корисниците на Х кој констатирал дека „еврејските заедници ја туркаат токму истата дијалектичка омраза кон белците за која тврдат дека луѓето треба да престанат да ја шират против нив“. Иако е јасно дека Илон Маск, познат како личност која е политички некоректна и импулсивна и, над се, лесно „се пали“ на социјалните мрежи, силно се залета кога реплицирал: „Ти го кажа тоа што е вистина“, тоа што следеше беше збунувачко.
Иако се чинеше дека сопственикот на „Тесла“, „Спејс Х“ и уште низа компании всушност сакал да порача дека на еврејските политичари не им е паметно со агресивна политика против другите етнички заедници во израелското соседство да го зголемуваат и онака големиот анимозитет, што доведе до нападот на 7 октомври, и беше сосема природно да се исмејува затоа што се согласува со бизарната теза за наводната еврејска оркестрација на нетрпелливост против белците (каде тоа се случува, во каква форма?), Илон Маск и официјално од страна на Белата куќа е етикетиран како антисемитист.
Тоа што после етикетирањето Маск лично нагласи дека не е антисемит и дека ги презира сите видови расизам се чини не остави којзнае каков впечаток дека тоа навистина е така.
Дали ова значи дека Илон Маск е само поперфиден и затоа е поопасен од Јозеф Гебелс, главниот пропагандист на нацистите, кому сосем сигурно не му падналчо на памет да се извини заради антисемитизмот, туку отворено го промовирал?
Дури и на авторите на бруталното соопштение на Белата куќа против Илон Маск, претходното прашање се чини е смешно, што, се разбира, и е.
Проблемот е следен: евидентно е дека сегашниот конфликт меѓу Израел и Хамас е многу поширок отколку пресметката во Газа, и дека на глобално ниво се води информативна војна. Во таа информативна војна се почесто се користи поимот антисемитизам со цел на најлош можен начин да се „раскринкаат“ оние кои на кој било начин гласно ја релативизираат методологијата на израелските вооружени сили, односно на Биби Нетанјаху, во справувањето со терористите на Хамас. Ако, на пример, на некој од плоштадите викате дека е страшно со проектили да се убиваат и осакатуваат жени и деца во Газа, тогаш не сте првенствено хуман човек кого го боли срце заради незамисливото страдање на оние кои немаат избор, туку сте можеби човек со опасни намери, кој во тешки моменти за државата Израел разгорува антисемитски чувства, односно сте застанале на страната на непријателот во информациската војна.
Сосема е можно дека многу Евреи и оние кои со цело срце ги поддржуваат поради сето она што го доживеале во последните илјада, две илјади години, навистина ќе помислат дека некој негува токсичен антисемитизам ако каже дека убивањето на цивили, жени и деца е неприфатливо без оглед на откривањето на терористичките тунели под болниците во Газа.
Никој, во ниту еден момент, не се посомнева дека умовите на лидерите на терористичкиот Хамас беа толку болни што се подготвени да ги користат цивилите и болниците како штит, но многумина на Запад беа, или се сеуште уверени, дека израелските власти ќе имаат повеќе почит кон цивилите, жените и децата, особено поради трауматските историски искуства на Евреите.
За жал, преброени се повеќе од 11.000 жртви на палестинска страна, меѓу кои, наводно, 40 отсто се деца. Од друга страна, ПР службите на израелските вооружени сили тие 11.000 загинати ги „оправдуваат“ со снимки од неколку магацини, соби и подземни тунели доволни за операции на неколку стотици терористи.
Притоа, еден отвор на блиндирана врата на тунелот повеќекратно се споменува во сите важни западни медиуми како доказ дека во Газа владее зло на тероризмот кое треба да се искорени дури и по цена на колатерални жртви, но не е дефинирано што се и кои се наводните прифатливи колатерални жртви. Колку израелски војници теоретски би можеле да бидат убиени низ тој отвор во тунелот? Еден, два или тројца војници пред да забележат нивните соборци, па со разурнувачки експлозиви ги уништуваат блиндираната врата и тунелот?
Тешко е да се процени, но секако отворот не е, и не треба да е, алиби за ликвидација на 11.000 колатерални жртви, ниту пак за хуманитарна катастрофа од пошироки размери. На крајот на краиштата, може ли Трета светска војна да предизвика истрел од отвор на врата во некоја длабока дупка, или поважните одлуки се носат во политичките салони, односно во воените кабинети над површината на земјата?
Секако, со овие едноставни тези-прашања нема да се согласат Нетанјаху, неговите пропагандисти, можеби ниту Белата куќа, низа важни американски директори, универзитети, медиуми… Дури, отворено е прашањето дали можат да ве прогласат антисемитист ако кажете дека не е прифатливо масовното убивање цивили со какво било политичко објаснување.
Посебен проблем е тоа што зборот антисемитизам, кој низ историјата доби екстремна тежина, сега стана алатка за вулгарни ПР пресметки, што на светот може само да му донесе уште пожестока поларизација, како и се поголеми количини на насилство.
Фактот што Илон Маск на контроверзен и делумно непримерен начин се обиде да се справи со Еврејската лига против клевета (Anti-Defamation League-ADL), што многумина го протолкуваа како поттикнување на говор на омраза и како јасна поддршка на Маск за една од теориите на заговор каква што поддржуваше убиецот во синагогата во Питсбург во 2018 година, со себе носи еден сериозен проблем токму за Евреите и улогата на АДЛ како етичка полиција: бројот на добронамерни луѓе кои првенствено се залагаат за хуманост и се против насилство е многу голем, и нема да им се допадне ако лесно јавно се класифицираат како антисемитисти затоа што се согласуваат со дискутабилната политика на Биби Нетанјаху. Се разбира, тука е и прашањето не само за слободата на говорот, туку што се’ може да се сфати како непримерно и несоодветно однесување, односно онакво однесување заради кое сте заслужиле да ве наречат антисемитист и така да ве изедначат со Адолф Хитлер? Поедноставно кажано; дали сте злосторник ако на плоштад викнете „Слобода за Палестина“!? Можеби. За некои ќе сте, сигурно.
Во Соединетите Американски Држави, конгресмените ја критикуваа колешката – пратеничка во парламентот, оти се залагала за хуманитарен прекин на огнот во Газа и затоа што ја употребила фразата „од реката до морето“, со што, наводно, повикала на погром на Евреите. Иако таа конгресменка јасно кажала дека нејзините намери не се такви и ги појаснила пораките, таа остана „цензурирана“.
Сега, пак, американскиот претседател Џо Бајден, откако очигледно се увери дека безусловната поддршка за Нетанјаху за одмазда била огромна политичка грешка, инсистира на хуманитарен прекин на огнот (а тој гласаше против тоа) и им порачува на израелските сојузници дека решението мора да се бара во принципот „две држави“. Ако Бајден сега зборува за правото на Палестинците на држава, зошто не е цензуриран како конгресменката која побара хуманитарен прекин на огнот и ја емитуваше во суштина истата порака – политичка слобода на Палестинците во сопствена држава? Како би се чувствувал американскиот претседател кога би доживеал да биде наречен антисемитист затоа што се залага за палестинска држава?
Како заклучок, никому не му падна на памет придавката антисемитист да му ја прикачи на израелскиот министер кој предложи користење на нуклеарно оружје во Газа, како и пораката на министерката на израелските разузнувачки служби која, како план за Газа, најави протерување на сите Палестинци. Притоа, како аргумент го користи податокот дека од доаѓањето на Хамас на власт во 2007 година, се иселиле 250 – 300.000 луѓе, па таа со поддршка од други земји, би ги поттикнала сите Палестинци посреќен живот да побараат на друго место.
Тоа што Израел се наоѓа во ситуација седум милиони Евреи да се обидуваат да контролираат пет милиони Палестинци во регионот, оваа госпоѓа која е подготвена да го организира најголемиот прогон во модерната историја, сосем по моделот на она што го доживеале, таа не го гледа како проблем, туку како етичка победа, иако може да се каже дека нејзиниот начин на размислување е онаков како што имале оние кои им предизвикале најмногу болка и смрт токму на Евреите.
Ако хипотетички ја прифатиме тезата дека постои нешто за контроверзниот Маск што не го знаеме, а поради што ЦИА, ФБИ и Белата куќа оценуваат дека тој навистина е опасен антисемитист, тоа е проблем голем како куќа. Во тој случај, со тој грозен антисемитист за следната година тие имаат договорено 1,2 милијарди долари вредно лансирање на „Спејс Х“, вклучувајќи и чувствителни шпионски и командни сателити на Пентагон. Истиот тој Пентагон му плати на Маск десетици милиони долари за т.н „Старшилд“ (Starshield) – систем за безбедна комуникација, од која зависи националната одбрана на САД, исто како што Украинците би биле комуникациски изгубени без „Старлинк“ (Starlink) на Маск. Впрочем, секој поупатен функционер на Пентагон ќе ви признае дека сателитите со комуникациски системи на Маск се клучни за способноста на Америка да и парира на Кина во растечкиот геополитички судир.
Накратко, не е само дека Соединетите Американски Држави имаат проблем ако Илон Маск е одвратен антисемит.Само во вториот квартал од оваа година, 80 отсто од товарот испратен во вселената го пренесоа ракетите на „Спејс Х“, а човештвото де факто му остави тој гнасен антисемитист еден ден да го однесе на Марс.Дали на тој вселенски брод ќе има исклучиво мразачи на Евреи, или пооеделни западни пропагандисти на информативната војна сепак треба малку да ги „зауздаат своите коњи“?На крајот на краиштата, „Тесла“ на Маск е веројатно најголемиот индивидуален корисник на разни субвенции и стимулации за своите е-возила, па еден би можеле да дојдат до заклучок дека ден американските федерални власти, систематски, преку своите зелени политики всушност го поттикнувале јакнењето на антисемитизмот.Или можеби не…
Повеќе американски политичари одамна заклучија дека Илон Маск, како биолошка единка, има премногу големи бизниси што се од стратешки интерес за САД, и дека тоа стана национален безбедносен ризик. Меѓутоа, дали навистина е можно порано да не забележале дека Маск е грд и гнасен антисемитист? И дали со него ќе раскинат каков било стратешки договор со него ако навистина веруваат дека е антисемитист?
(Извор: Јутарњи лист – Фото: Чеснот/Гети)