Се будат спомените за солидарноста

LinkSense.mk

Денеска, во рамките на манифестацијата „Зборува Скопје“, почнува панорамско разгледување на Скопје.

Во 11 и во 17 часот, граѓаните ќе имаат можност со панорамски автобуси да го разгледаат Скопје со фокус на местата поврзани со катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

Поаѓање е од плоштадот, пред зградата на ЕВН. Автобусот потоа ќе се движи покрај Старата железничка станица, кон населбите Тафталиџе 1 и 2, изградени со помош на светската солидарност, ќе помине по улиците Варшавска, Прашка, Лондонска, Осло, Хелсинки и Московска, ќе мине кај поликлиника Букурешт, подарок од Романија, како и покрај местото на уништените блокови во Карпош 2, па покрај „Универзална сала“ која е подарок од Бугарија, низ Градски ѕид, проект на архитектот Кензо Танге, стариот театар и околу зградата на МНТ.

Настанот е во организација на ЈСП Турс, ЈСП Скопје и Град Скопје.

Манифестацијата која почна вчера, а ќе трае до 26 јули со низа настани  ја одбележува  55- годишнината од земјотресот во Скопје.

За утре се најавува изложба во КИЦ, а централниот настан ќе се одржи во галеријата Графити во ГТЦ, во 20.30 часот со краткометражен филмски колаж на Дина Дума, театарски перформанс на Билјана Радиноска и музичка програма.