Градот Скопје денеска започна со обновување на дрворедот на улицата „Максим Горки“ со 18 јапонски цреши.
Како што информира градоначалникот Петре Шилегов пролетта 2017 година е констатирано заболување на овој дрворед, но покрај сите обиди што ги направиле, дрворедот морал да се отстрани.
„Кога се констатираше состојбата, влеговме во јавните набавки што ги правиме преку „Паркови и зеленило“, набавени се 50 стебла на јапонски цреши, дел се овде употребени дел ќе поставиме нов дрворед на еден од градските булевари на јапонски цреши во рамки на акцијата за есенско садење, рече Шилегов.
Тој, во врска со јапонските цреши посочи дека станува збор за многу сензитивно дрво чиј животен век е од 30 до 40 години. Дрвјата кога биле засадени во 2000 година, додаде тој, биле по десет години стари што на некој начин го достигнале животниот век.
„ Драго ми е што во договор со канцеларијата на ЕБОР во земјава наидовме на отворена соработка, банката изјави голема општествена одговорност и го помага овој цел процес со финансирање на овие дрвја, рече Шилегов.
Ги повика сите општествено одговорни компании во овој период или пролетниот да влезат во соработка со Градот за да можат да го обноват зеленилото.
„Сериозно инвестираме во зеленилото, целото булеварско зеленило полека станува предмет на едно целосно ново уредување, засадуваме целосно нови дрвореди онаму каде на времето биле сечени дрвата сега се засадуваат нови. Кај пошта направивме прекрасен дрворед со уредено зеленило бидејќи зеленилото едноставно во овој град нема варијанта. Ние за разлика од претходниците не сечеме дрвја за да градиме згради, ние ги сечеме за да ги возобновиме, бидејќи истите биле болни, рече Шилегов.







