Се поставува нов кабелски вод во должина од 3,5 километри за поквалитетно снабдување со електрична енергија

ЕВН Македонија почна со градежни работи во Тетово поради поставување на нов 35 киловолтен кабелски вод од трафостаницата кај хидроцентралата на река Пена се до трафостаницата 35/10кВ Тетово на булеварот Видое Смилевски Бато. Кабелскиот вод поминува низ пешачката зона на Бањиче, се движи кон централното градско подрачје, а вкупната должина е од 3,5 километри.

– Се работи на изградба на нов 35кВ кабелски вод ТС 35/10кВ Тетово-TС 35/10кВ ХЕЦ Пена. ЕВН Македонија е компанија чија главна цел е обезбедување на непречено, стабилно и квалитетно снабдување на корисниците со електрична енергија. Токму затоа, ЕВН во континуитет вложува во модернизација, развој и реконструкција на постојната и изградба на нова дистрибутивна мрежа, соопшти одделот за комуникации при ЕВН Македонија.

Во моментот се работи на поставувње на кабел долж пешачката патека кон месноста Бањиче која поради тоа не може да се користи.

– Изведувачите за кратко време ќе започнат да работат на нормализација на функционалноста на пешачката зона на патот Тетово – Бањиче, а во наредните две недели се очекува истата да биде целосно комплетирана, посочуваат од компанијата.

Од ЕВН Македонија оценуваат дека според претходно утврдениот план, овој проект во целост ќе се реализира најдоцна до крај на годината.