Се сруши воен авион во Мјанмар, дванаесет загинати

Дванаесет лица го загубија животот во падот на воен авион во близина на вториот по големина град во Мјанмар, Мандалаја, соопштија противпожарната служба на тој град.

До несреќата дошло кога авион којшто летал од главниот град Нејпјид во градот Пјин О Луин почнал да слетува.

Авионот се срушил на 300 метри од една челичарница.

Според наводите на локалните медиуми, во леталото биле шест припадници на војската, како и монаси кои требало да присуствуваат на церемонија во будистички манастир.

Пилотот и еден од патниците го преживеале падот и се префрлени во болница.

Причината за падот на воениот авион сеуште не е позната.

Во Мјанмар траат немири од кога воената хунта на 1 февруари годинава изведе воен удар, а во демонстрациите до сега настрадаа повеќе од 800 луѓе.