СЗО предупредува за трет бран на корона во Европа

„Дојде крајот на десетневниот пад на новозаразени со корона вирус во Европа и новиот бран е неизбежен ако граѓаните и политичарите не останат дисциплинирани“, рече вчера шефот на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге.

Минатата недела, истакна Клуге, бројот на нови случаи пораснал за 10 отсто на европскиот континент, поттикнат од зголемениот број на патувања, собирања и попуштањето на мерките.

„Тоа се случува во контекст на состојбата која брзо се развива. Новата загрижувачка варијанта, ‘делта’ варијантата, се појавува во регионот во кој и покрај огромните напори на државите членки, милиони луѓе остануваат невакцинирани“, рече тој.

Клуге предупредува дека „ќе има нов бран во Европа ако не останеме дисциплинирани“.

Делта варијантата на корона вирусот е посебно заразна, и може да претставува 90 отсто на нови случаи во Европската унија до крајот на август, оцени минатата недела Европскиот центар за превенција и контрола на болести.

Предвидувањата на СЗО се дека оваа варијанта на ковид-19 ќе стане доминантна на Стариот континент до август.

Студиите спроведени и во лабораторија и во стварниот живот се сложуваат во едно: една доза вакцина донесува само ограничена заштита против „делта“ видот.

Во август, европската регија „нема да биде целосно вакцинирана, а ќе има ослободување на рестрикциите, со зголемен број на патувања и собирања“, додаваат од СЗО.