СЗО организира итен состанок: Стравува од варијанта Б.1.1.529 коронавирус – најлош до сега

LinkSense.mk

Светската здравствена организација денеска ќе одржи итен состанок за новиот вид на коронавирус откриен во Африка, кој може да има зголемен број мутации, објави британски „Фајненшл тајмс“.

Тулио де Оливеира, директор на Центарот за одговор на епидемијата и иновации во Јужна Африка, им ја пренесе на претставниците на СЗО својата загриженост во врска со варијантата на ковид Б.1.1.529, за која се стравува дека досега е идентификувана најлошата варијанта на ковид.

После тоа, СЗО одлучи да одржи вонредна седница, изјави Де Оливеира за ФТ.

Експертите на СЗО, наводно, ќе разговараат дали новиот вид треба да се дефинира како нешто што предизвикува „загрижување“ или како варијанта „од интерес“.

На вчерашната прес-конференција Тулио де Оливеира изјави дека новиот сој има многу голем број мутации, што носи ризик од брзо ширење на болеста.

Според последните податоци, оваа варијанта на корона вирусот во Јужна Африка е дијагностицирана на вкупно 77 лица. Исто така, ѝ биле дијагностицирани четири лица во Боцвана и едно во Хонг Конг (лице кое дошло од Јужна Африка).

Некои светски лидери веднаш реагираа на веста за појавата на новиот вид, најавувајќи нови мерки на претпазливост и ограничувања за патување, додека берзите ширум светот забележаа пад предизвикан од неизвесноста.

Индиските здравствени власти денеска ги ставија сите држави во состојба на готовност, барајќи ригорозно да ги прегледаат и тестираат патниците што пристигнуваат од Јужна Африка, Боцвана и Хонг Конг, како и да ги следат и тестираат нивните контакти.

Нов Зеланд, исто така, внимателно ги следи глобалните совети за новата варијанта, а вицепремиерот Грант Робертсон вели дека новата варијанта е „вистински повик за будење за сите нас“, како и индикатор дека оваа пандемија сè уште трае.

Д-р Марија Ван Керкове, техничкиот лидер на СЗО за ковид-19, на вчерашната прес-конференција рече дека се уште не се знае многу за оваа варијанта.

– Она што го знаеме е дека оваа варијанта има голем број на мутации. А загриженоста е дека кога имате толку многу мутации, тоа може да влијае на тоа како се однесува вирусот – рече Ван Керков.

Таа додаде дека истражувачите ќе се состанат за да „разберат каде се овие мутации и што тие потенцијално би можеле да значат“ во однос на тоа дали е повеќе преносливо или има потенцијал да избегне имунитет.