Силен земјотрес го погоди Иран, повредени 276 лица

LinkSense.mk

Земјотрес со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала го погоди утринава северозападниот дел на Иран, а државната телевизија и здравствените власти во областа соопштија дека најмалку 276 лица се повредени.

Епицентарот на потресот бил во близина на градот Хови во покраината Западен Азербејџан.

Итната медицинска служба во Хови соопшти дека „досега се повредени 276 лица, од кои 68 се хоспитализирани поради помали скршеници“.

Земјотресот се случил на околу 12 километри од Хови на длабочина од 10 километри, соопшти Американскиот геолошки институт.

Германскиот истражувачки центар за геонауки (ГФЗ), претходно, објави дека земјотрес со јачина од 5,5 степени според Рихтер се случил во близина на ерменско-азербејџанско-иранската граница.