Силно невреме во Германија: Хаос во Хамбург, вонредна состојба во Берлин

LinkSense.mk

Бурата „Иленија“ во текот на ноќта ја погоди Германија, особено северните и источните делови, а зад себе остави паднати дрвја, уништени покриви на куќи…

Откажани се бројни летови, а во неколку сојузни покраини во прекин е и железничкиот сообраќај.

Германската метеоролошка служба издаде црвени предупредувања за северот на земјата се до денес навечер, а најавуваат и можност за торнада.

Во текот на ноќта, силни удари на ветер од над 100 км/ч ја зафатија земјата, особено северот, во централните делови и на истокот. На планините Харц измерена е брзина на ветерот од 152 км/ч, пренесува Билд.

Противпожарната бригада на Берлин утринава прогласи вонредна состојба поради невремето.

Од 2 часот по полноќ дојде до нагло зголемување на операциите поврзани со времето“, јавија од таму.

Неколку доброволни противпожарни друштва се повикани да и помогнат на професионалната противпожарна станица.

Во Ликтерфелде дрвја паднаа врз паркирани автомобили, а ветрот го однесе светлосен столб.

Ветерот крена во воздух шатор за ковид тестирање во Северна Рајна Вестфалија, но за среќа нема повредени, соопштија пожарникарите.

Најмногу проблеми имаше во Хамбург. Познатиот пазар, „Фиш маркет“, на брегот на Елба, беше поплавен, а во населбата Ејмсбутел ветерот откорна дрво пред паб.

Невремето предизвика големи штети и во Долна Саксонија и Бремен. На автопатот кај Вестоверлединген, камион удри во паднато дрво, но, за среќа, возачот не е повреден.

Невремето влијаеше и железничкиот и на воздушниот сообраќај.

Паднатите дрвја го попречија движењето на возовите. Како мерка на претпазливост, Луфтханза откажа 20 летови.

На патниците им се препорачува да го проверат статусот на нивниот лет на веб-страниците на авиокомпаниите.

Моментно во прекин се врските со Берлин, Хамбург, Минхен и Франкфурт.

 

 

 

 

 

(Фото: Танјуг)