Синдикатот на полицијата со апел за професионализам и фер и демократски избори

Во пресрет на локалните избори 2021 пред нас е голем предизвик како припадници на безбедносните служби, директно вклучени во процесот за одржување на истите пред се овозможување на фер и демократски избори на целата територија на Република Македонија.

Синдикатот на Полиција во Македонија упатува АПЕЛ до вработените во Министерството за внатрешни работи, воопшто да не потклекнуваат на притисоците кои преку непрофесионален начин и незаконито влијание се спроведуваат последниот период од страна на раководители, началници и командири , кои во пресрет на изборите вршат притисоци и закани кон вработените а со цел да влијаат на лични одлуки и службени постапки преку повикување и алудирање да се гласа за одредена политичка партија.

Како Синдикат НАЈОСТРО се спротиставуваме на непрофесионализмот и ставањето на раководителите во функција и потреба на политичките партии и оттука недозволиво е и неприфатливо да се повикуваат вработените во МВР од страна на раководители да гласаат за одредена политичка партија како во случајот со раководител/и на една организациона единица во Сектор/и за внатрешни работи кој наместо да ги спроведуваат законските прописи и воедно брани и ги заштитува работните права на вработените, заради лични и партиски интереси, истите ЈАВНО ги повикуваат вработените преку социјална мрежа и наведуваат за која политичка партија да се гласа.

Одтука Бараме од највисокото раководство во МВР и од ОВККИПС (внатрешната контрола) веднаш да бидат превземени соодветни мерки согласно правилата и прописите на Министерството за ваквиот и сите понатамошни случаи против непрофесионализмот на работниците а особено поради партиско делување на раководители и работници во Министерството.

Ги охрабруваме вработените во МВР и секој граѓанин кога ќе се соочат со непрофесионален однос во Полицијата, веднаш да го пријават секое несоодветно и незаконито однесување особено во пресрет на изборите посебно во делот на спроведување притисоци и принуди за незаконски постапки а за цел попречување на личната слободна волја на определување согласно загарантираните Уставни и законски права.

Напоменуваме дека изборите во пресрет на „Локалните избори 2021“ мораат да бидат фер и демократски и во таа насока обврска на секој полициски службеник е да ги преземе сите неопходни мерки со кои ќе се гарантираат фер и безбедни избори.

Воедно повикуваме јавно за секој обид за поткуп или за било какво противзаконито влијание врз гласачите да биде пријавено и веднаш да бидат преземени мерки за негово санкционирање.

Синдикат на Полиција во Македонија