Сите очи вперени во него: Али Ахмад Масуд ќе се бори против Талибанците

Авганистанецот Али Ахмад Масуд кој е школуван во Велика Британија ја предводи борбата на движењето на отпорот во земјата, а последните неколку денови меѓу 60 и 100 Талибанци загинаа во борбите северно од главниот град Кабул.

Масуд неодамна испрати морничаво предупредување дека Авганистан сепак може да стане магнет за терористи и дека може на Ал Каеда да и понуди база за покренување на терористички напади на Запад, вклучувајќи ја и Велика Британија.

Тој е син на Ахмад Шах Масуд, таканаречениот „Лавот од Панџшир“, поранешен водач на Северната алијанса, кој беше убиен од Ал Каеда, неколку денови пред нападот на 11 септември.

Титулата сега е пренесена на Ахмад додека го продолжува татковото наследство во опколениот регион.

Младиот Масуд го води вооруженото востание во Панџшир, што резултираше со повторно завземање на три клучни подрачја во последните денови, а 32-годишникот вети дека неговата војска со бунтовници ќе се „бори до последен здив.

Националниот фронт на отпорот во Авганистан прифати одреден број авганистански војници кои се повлекуваа од Кабул.

Во последните три дена, остатоците од авганистанските сили на националната одбрана и безбедност стигнаа до Панџшир. Тие зајакнуваат, се придружуваат и го поддржуваат Масудовиот сојуз. Талибанците се нападнати на неколку фронтови во повеќе напади, но ќе испратат засилување на северот да возвратат.

Пред својата смрт, Ахмад Шах Масуд ја предводеше Северната алијанса која, поддржана од ЦИА, во 2002 година ги сруши Талибанците.

Денес пишувам од долината Панџшир, подготвен да тргнам по стапките на својот татко, со муџахединските борци кои се подготвени повторно да ги победат Талибанците“, наведе неговиот син во писмото испратено до „Вашингтон пост“.

Тој и неговите луѓе имаа залихи на муниција и оружје кое со години ги собираа, плашејќи се, како што објаснува, дека еден ден ќе дојде моментот кога пак ќе треба да се борат.

Имаме и оружје кое го носат Авганистанците кои во изминатите 72 часа одговорија на мојот апел да се придружат на отпорат во Панџшир. Имаме војници од редовите на авганистанската војска кои се згрозени од предавството на своите команданти и сега, со својата опрема, патуваат кон планините на Панџшир“, напиша Масуд и вети дека ако талибанските војсководачи наредат контранапад, ќе се соочат исклучителен отпор.

Знамето на Националниот фронт на отпорот ќе се завее над секое место кое тие ќе се обидат да го освојат, исто онака како што ова знаме се виореше пред 20 години. Сепак, знаеме дека нашите воени сили и логистиката нема да бидат доволни. Тие брзо ќе се исцрпат, освен ако нашите пријатели од Запад не најдат начин да не снабдат, без одлагање.“

Во пораката која е јасно насочена кон западните лидери, главно на претседателот на САД, Џо Бајден, и на британскиот премиер, Борис Џонсон, Масуд предупредува: „Талибанците не се проблем само на авганистанскиот народ“.

 

Под контрола на Талибанците, Авганистан ќе стане место на радикалниот исламистички тероризам. Заговорите против демократиите повторно ќе се коваат тука. Што и да се случи, моите борци – муџахедини и јас ќе го браниме Панџшир, како последен бастион на авганистанската слобода. Нашиот морал е нечепнат. Од искуство знаеме што не чека. Но потребно ни е повеќе оружје, повеќе муниција и повеќе залихи“, заклучи на крајот Масуд.

Масуд дипломираше на Кралскиот колеџ во Лондон, а една година ја посетуваше и Кралската воена академија во Сендхурст.