Скопјанец организирал фудбалски турнир непочитувајќи ги мерките за заштита од Ковид-19

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје денеска поднесе предлози за издавање казнени налози против вкупно 17 лица за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Како што се посочува во соопштението од обвинителството, еден од обвинетите постапил спротивно на Одлуката за спроведување мерки на заштита од COVID – 19 при одржување тренинзи на клубовите и одигрување фудбалски натпревари без публика. Обвинетиот организирал и одржал турнир во мал фудбал на игралиште, каде покрај играчите била присутна и публика од околу 100 лица.

Останатите 16 обвинети не постапиле согласно Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија, па за време на тогаш важечки полициски час биле затекнати како се движат на различни локации.

За сите обвинети надлежните јавни обвинители предложија парични казни од 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневната глоба од 20 евра во денарска противвредност.