Скопје одбележува 55 години од катастрофалниот земјотрес

LinkSense.mk

Градот Скопје со повеќе активности и манифестации одбележува 55 години од разорниот земјотрес што се случи во 1963 година, на 26 јули утрината во 5.17 часот.

Во земјотресот 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени.

Програмата насловена „Зборува Скопје“ во четири дена ги обедини ликовната, театарската, филмската и мултимедијалната уметност и граѓанскиот активизам концептуално поврзан со земјотресот, но и со културната историја на метрополата.

Одбележувањето почна во понеделникот, кога на источната страна на Музејот на Град Скопје беше вратена пораката на Јосип Броз Тито.

На пет различни локации низ главниот град утринава во 5.17 часот се спроведе аудио-уметничка акција „Разбуди се Скопје“, која требаше да ги потсети граѓаните на точното време на земјотресот.

На Музејот на современа уметност, Музејот на Град Скопје, Градскиот трговски центар, и во Влае, засвиреа сирените за тревога, а едно озвучено возило се движеше по булеварот „Партизански одреди“.

Официјални делегации и претставници на институции денеска положија цвеќе на Градските гробишта во Бутел, пред Споменикот на жртвите од земјотресот.

Во Музејот на Град Скопје се спроведува традиционалната крводарителска акција, а организацијата на жените одржува поетско читање „За Скопје кое го сакам“.

Во Музејот на современа уметност е отворена изложба на дела од грчки автори, а пак во Младинскиот културен центар има проекции на серијата „Досие Скопје“ и богата музичка програма.

Град Скопје ги повикува граѓаните да ги проследат настаните, да се потсетат на трагедијата која го разори градот и заеднички да упатат порака дека не ја заборавиле поддршката што пред 55 години била добиена од целиот свет.

Скопскиот земјотрес се почувствува на простор од околу 50.000 квадратни километри. Од потресот беа урнати 15.800 станови, а делумно или целосно беа оштетени 28.000 објекти. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.

Меѓународниот Црвен крст тогаш упати апел до сите национални организации да организираат исхрана за скопските деца. Интерпарламентарната унија препорача сите парламенти и влади да помогнат во обновата на градот. Хуманитарните организации во многу земји пристапија кон собирање помош за Скопје. Така Скопје стана град на меѓународна солидарност.

Обединетите нации веднаш по презедоа активности за плански и долгорочно да му се помогне на разурнатиот град. Во седиштето на меѓународната организација беше речено дека Скопје ќе биде споменик на човечката солидарност.

На 14 октомври Генералното собрание на ОН едногласно усвои Резолуција за давање помош на југословенската влада за реконструкцијата на Скопје. Тој ден остана во аналите на Обединетите нации како ден на Скопје.