Скопје очекува формирање политичка влада во Софија и исчекор на патот на земјава кон ЕУ

Премиерот Зоран Заев очекува формирање политичка влада во Софија заради, како што вели, потребите на бугарските граѓани, но и затоа што ние очекуваме исчекор во решавање на проблемот. Но, според аналитичарите, исклучително се мали шансите за промена на ставот на Софија кон Скопје во однос на усвојувањето на нашата преговарачка рамка и почеток на преговорите до крајот на годинава, откако предвремените парламентарни избори во Бугарија одржани во неделата, втори за само три месеци, според првичните резултати имаат речиси ист исход со изборите во април, по кои никој не успеа да формира влада.

Истовремено, Заев вели дека ја поддржуваат Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ и ќе застанат зад неа, за на сите „да им биде јасно дека сме сите заедно застанати во заштита на македонскиот јазик и идентитет“, но нагласува дека уставното име мора да се почитува. Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, на работен состанок со амбасадорите во ЕУ-земјите, вчера порача дека стартот на преговорите е врвен приоритет за дипломатијата и за време на словенечкото претседателство.

Коментирајќи ја изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев дека политиката на Бугарија кон Северна Македонија зависи од отворен и конструктивен дијалог меѓу двете земји, Заев се согласува за потребата од дијалог меѓу Скопје и Софија.

„Многу често претседателот Радев кажува дека тоа не се решава во Брисел или Вашингтон и јас се согласувам – тоа се решава во Скопје или во Софија, билатерално, а пријателите што нè храбрат да изнајдеме решенија се секојпат добредојдени. На работниот состанок на 17 јуни мислам дека ги адресиравме сите детали, важни за нашата страна, важни за бугарската страна. Надежта останува да се оформи бугарскиот парламент и, пред сè, да се оформи политичка влада која ќе раководи со извршната власт на Република Бугарија, затоа што прашањето во Брисел се адресира преку Владата и верувам дека на вака заокружени решенија многу брзо ќе почне имплементацијата на патоказот кој носи добробит на граѓаните на двете земји во различни области, истакна Заев вчера на прес-конференција.

Политичките аналитичари Симонида Кацарска од Институтот за европски политики и Марко Трошановски од Институтот за  демократија „Социетас цивилис“ во Скопје во очекување на конечните резултати од изборите во кои се води мртва трка меѓу ГЕРБ на Бојко Борисов и Има таков народ (ИТН) на Слави Трифонов, кој има минимална предност под еден процент, оценуваат дека евентуална малцинска влада во Софија би била со краток здив и чекор кон нови предвремени избори, можеби во исто време со претседателските на есен, како и дека во вакви услови исклучително се мали шансите за промена на ставот на Софија кон Скопје во однос на усвојувањето на нашата преговарачка рамка и почеток на преговорите до крај на годината.

СДСМ ја поддржува Резолуцијата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и целосно стои зад заштитата на македонскиот јазик и идентитет, вели Заев, но и посочува дека Уставот во однос на името на државата мора да се почитува.

„Ако некој сака да го избегне уставното име, нека го прави тоа сам, ние тука нема да партиципираме. Нема да го кршиме Уставот. Уставното име на државата е Република Северна Македонија. Ја поддржуваме Декларацијата на ВМРО-ДПМНЕ, ќе застанеме зад неа, на сите да им биде јасно дека сме сите заедно застанати во заштита на македонскиот јазик и идентитет, но тоа не значи дека треба да го кршиме Уставот, напомена Заев.

Носењето ваква резолуција, според политичките аналитичари, е добро за градење  натпартиска стратегија и пристап кон тешките прашања, како што се разговорите со Софија.

Во однос на усвојување на резолуција зад која би застанале сите политички партии во Парламентот со која би се исцртале нашите „црвени линии“, Кацарска смета дека тоа би обезбедило легитимитет на позициите внатре и надвор на секоја идна влада во разговорите за надминување на разликите со Бугарија, додека за Трошановски крајно време е да се обединат партиите по вакво важно прашање од национален интерес.